Во интервјуто за „Прес 24“, лидерот на партијата Христијан Мицкоски не негира дека Наке Чулев, кој беше министер за внатрешни работи во претходната техничка влада од 2020 година, повторно ќе биде номиниран за истата позиција
Прашан како го коментира составот на техничката влада, кој го предложи владејачкиот СДСМ, лидерот на опозицијата вели дека практично е предложен составот на актуелната Влада, за која оцени дека донела никогаш полош живот во Македонија
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави своите кандидати за министри и дополнителни заменик-министри во техничката влада по верскиот празник Водици, на нешто повеќе од две недели отсега, најави партискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за порталот „Прес 24“.
„После Водици ќе имаме целосна слика за претстојниот состав. Не се брзаме на тој план“,
вели лидерот на опозициската партија.

Мицкоски додава оти ВМРО-ДПМНЕ има голем број кадри кои можат да одговорат на позициите што се бараат.
Според Законот за Владата, во техничката влада на сто дена пред изборите опозициската партија со најголем број пратеници во парламентот добива министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри во ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество.
Во интервјуто за „Прес 24“, Мицкоски не негира дека Наке Чулев, кој беше министер за внатрешни работи во претходната техничка влада од 2020 година, повторно ќе биде номиниран за истата позиција.
„Не велам не. Но да почекаме. Засега нема донесено одлука“,
изјави Мицкоски на прашањето дали Чулев повторно би бил министер за внатрешни работи во техничката влада.
Прашан како го коментира составот на техничката влада кој го предложи владејачкиот СДСМ, лидерот на опозицијата вели дека практично е предложен составот на актуелната влада, за која оцени дека донела никогаш полош живот во Македонија.
„Коментарот за техничката влада е истиот како и за актуелната влада, затоа што речиси тој состав е идентичен. Разликата е што речиси десетгодишниот министер за внатрешни работи Спасовски ќе биде заменет на заменичкото место со неговата десна рака, неговиот шеф на кабинет. Ако станува збор за неговите перформанси, сметам дека тука крушата нема подалеку да падне од дрвото и ќе имаме работа со истите луѓе кои споделуваат исти вредности и погледи“,
изјави Мицкоски.
И покрај сè поизвесното учество на опозициската партија во Владата на сто дена пред изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го повтори својот став за укинување на техничката влада. Оцени дека перформансите на техничката влада досега се покажале како слаби, исполнети со конфликти и кочења.
„Погледнете, дали се памети некоја прогресивна политика спроведена во тој период? Одговорот е не. Она што се памети се препирки, кочења, поништени одлуки. Затоа тоа е загубено време за државата. Затоа и предлагав да се укине техничката влада. Сметам дека целите перформанси и вистинската енергија на промените ќе се покаже по смена на власта и формирањето на легитимна и стабилна влада“,
вели тој.
Во неодамнешното интервју за „360 степени“, Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ треба да учествува во техничката влада, но истовремено да се воздржи од гласањето за составот на таа влада, зашто, како што рече, изборот на првиот човек кој ќе ја води таа влада е спротивен од законот на кој таа техничка влада се повикува.
За кандидат за претседател на техничката влада е номиниран актуелниот собраниски спикер Талат Џафери.