Дел од советниците од СДСМ посочија дека овој споменик бил отстранет пред неколку години, бидејќи претставувал дивоградба. Предупредија дека споменикот може повторно да биде спорен поради тоа што не е предвиден во урбанистичките планови
Споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето повторно ќе се постави, но на нова локација, на крстосницата кај булеварот „Александар Македонски“ и булеварот „Беласица“, во близина на кружниот тек кај хотел „Континентал“.
Оваа одлука на денешната седница на Советот на Град Скопје ја изгласаа советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
На крајот, изгласувањето беше проследено со аплауз од советниците.

Претходно, иницијативата за враќање на споменикот на Ќосето уште во август ја достави градоначалничката Данела Арсовска.
Дел од советниците од СДСМ посочија дека овој споменик бил отстранет пред неколку години, бидејќи претставувал дивоградба.
Предупредија дека споменикот може повторно да биде спорен поради тоа што не е предвиден во урбанистичките планови.
Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека сметаат оти овој историски лик заслужува спомен-обележје и заемна почит.
„Фрапира антимакедонското однесување на СДС, која се противеше на поставување на спомен-обележјето што претставува продолжение на нивните политики за разградување на македонското јадро. По изгласувањето на одлуката, на потег е Арсовска која не треба да потклекне на влијанијата на нејзината коалиција во Советот предводена од СДС која е јасно против ваквата иницијатива“,
соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Споменикот на Ќосето (1855-1953) со кама в рака го отстрани ексградоначалникот Петре Шилегов во 2018 година, зашто, покрај контроверзноста, имаше решение за отстранување бидејќи беше дивоградба.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска на 1 април годинава испрати барање до Општина Центар за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето во тревникот пред комплексот судови во Скопје.
Споменикот на Ќосето во 2014 година беше поставен пред комплексот судови во Скопје како дел од серијата споменици што беа поставени во главниот град за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ..
