Скопската градоначалничка Данела Арсовска попладнево на својот фејсбук-профил објави фотографија на која се гледа како седната покрај маса игра шах со Дедо Мраз
Инспектори од Управата за финансиска полиција денеска влегле во Град Скопје за да проверат колку и како се потрошени пари од градскиот буџет за новогодишното украсување на градот, потврдија од Управата за финансиска полиција.

Оттаму не откриваат повеќе детали, нагласувајќи дека предистрагата е тајна и откако ќе заврши увидот, ќе излезат соодветни законски мерки.
„Имајќи предвид дека сите дејствија преземени во предистражната постапка, согласно член 289 од Законот за кривична постапка, се сметаат за тајна, за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица, Управата за финансиска полиција ќе достави соодветен писмен поднесок до надлежниот јавен обвинител“,
велат од Управата за финансиска полиција.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска попладнево на својот фејсбук-профил објави фотографија на која се гледа како седната покрај маса игра шах со Дедо Мраз.
Симболиката на фотографијата не е случајна бидејќи во објавата Арсовска пишува:
„Во исчекување на резултатите од истрагата за елката…“
Објавата на градоначалничката следува откако минатата недела беше најавено дека во Град Скопје ќе влезат инспектори од Финансиската полиција за да ја испитаат набавката за новогодишното украсување на главниот град.
Арсовска минатата недела повеќепати кажа дека за новогодишното украсување имало јавен повик, но не го потврди тоа со документ.
Не ја откри ниту фирмата која е задолжена за украсувањето.
Единствено што кажа е дека годинава китењето на главниот град чини 30 илјади евра, а не 300 илјади евра како претходните години.
Новогодишното украсување на Скопје стана актуелно откако изминатата недела градските власти на плоштадот „Македонија“ поставија половично накитена елка, која беше и делумно накривена. Ова предизвика потсмев кај граѓаните, но и кај дел од странските медими.
Од Обвинителството минатата недела најавија дека доколку Финансиската полиција не ги испита сите околности околу набавката за украсувањето, ОЈО ќе оформи предмет.
Либерално-демократската партија најави иницијатива за отповикување на градоначалниците преку законски измени.
Оценувајќи оти „граѓаните не смеат да трпат заради неспособноста на локалните власти“, претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, најави дека партијата започнува граѓанска иницијатива за отповикување на градоначалниците преку измени на Законот за локална самоуправа и собирање потписи за референдум.