Од Советот за македонски јазик при Владата велат дека секое одложување на овој процес е во директна спротивност со меѓусебното и меѓукултурно почитување на различните заедници во нашето општество

Советот за македонски јазик при Владата на Република Северна Македонија го повикува претседателот на собраниската комисија за култура Кастриот Реџепи, веднаш да ја свика комисијата за култура на Собранието и да се усвои предлог-законот за употреба на македонскиот јазик.
„Советот за македонски јазик при Владата на РСМ упатува јавен повик до претседателот на Комисијата за култура во македонското Собрание, Кастриот Реџепи веднаш без одложување да ја активира работата на Комисијата и да обезбеди амандманска расправа за предлог-законот за употреба на македонскиот јазик“,
стои во јавниот повик од Советот упатен до Реџепи.
Оттаму дополнуваат дека секое одложување на овој процес е во директна спротивност со меѓусебното и меѓукултурно почитување на различните заедници во нашето општество.
Јазиците, се додава во писмото од Советот, се средство за комуникација, но и културно наследство и идентитетско обележје, а македонскиот јазик е прв официјален јазик на нашата држава. Неговата заштита, промоција и употреба е приоритет кој мора да биде обезбеден и испочитуван.
„Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик е изготвен и усогласен со Советот за македонски јазик, одржани се повеќе јавни расправи и се усогласени различните дополнувања дојдени од пратениците и од други места, а во негова изработка учествуваше и пошироката стручна и културна јавност. Сакаме да одбележиме дека постапката за носењето на новиот закон е поддржано од сите пратенички групи кои изразија подготвеност и амандмански да учествуваат во неговата финализација“,
наведуваат од Советот за македонски јазик при Владата.