Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европски политики, во дебата на „360 Степени“, зборуваше за губењето на кредибилитетот на ЕУ, доколку нема датум за преговори, како и за најавите на премиерот Заев за можен пад на владата или предвремени избори доколку ЕУ не си ги исполни ветувањата.
– Дефинитивно тоа што ЕУ го губи кредибилитетот по ова прашање се прелева како последица, и на кредибилитетот на владата внатре и легитимно е таа да го постави прашањето за сопствениот легитимитет. Е сега, колку е тоа рационално е веќе друга работа. Јас не верувам дека, ниту Германија, ниту Франција, можеби помалце Холандија, ќе затреперат страшно поради таквата закана дека оваа влада ќе падне и дека национализмот повторно ќе завладее во Македонија. Мислам дека е пресилно како аргумент кон надвор, а има премногу последици внатре. Исто така, мислам дека кога кај странците, кај претставниците на ЕУ, излегуваме со аргументот дека ЕУ или НАТО се единственото нешто што не држи заедно, дека не предизвикуваме секогаш позитивен ефект. Бидејќи тие не сакаат постојано слаби и нерешени земји кај себе – сакаат силни земји кај себе. Им излегува една Британија… не сакаат проблеми. Тие рекоа дека не сакаат држави кои имаат проблеми со другите држави. Но, зошто тие да бидат нашето лепило? Како аргумент не секогаш делува добро, бидејќи сме имале прилика да го разговараме ова со други тинк-тенкови. Оваа влада ги стави сите карти на ова прашање и ризикуваше многу. Но, сега, мора да се седне и многу порационално да се гради стратегија за нас. Значи, кон ЕУ, меѓутоа наша стратегија за нас. Тоа е најбитно. Ние треба да влеземе како некаква стабилна држава таму. Ние тоа го тврдиме веќе 15 години. Преслаб аргумент е – рече Ристевска-Јорданова.