Лицето, како што информираа од ЦУК, пред два дена пријавило дека е завеано од снег во својата викендичка над селото Радња, во месноста Гатеново на планината Кожув, но тогаш одбило да биде пренесено до Кавадарци со теренски четирицикл не сакајќи да ги остави двете кучиња во куќата

Лицето што изминатите денови беше завеано во кавадаречкото село Радња на планината Кожув вчера е евакуирано до својот дом, информираа денеска од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Лицето, како што информираа од ЦУК, пред два дена пријавило дека е завеано од снегот во својата викендичка над селото Радња, во месноста Гатеново на планината Кожув, но тогаш одбило да биде пренесено до Кавадарци со теренски четирицикл не сакајќи да ги остави двете кучиња во куќата.
Лицето во текот на вчерашниот ден е извлечено со трактор со специјализирана опрема.
„Регионалниот ЦУК Кавадарци известува дека екипа од Зимската служба за одржување улици и патишта на Општина Кавадарци вчера со трактор со специјализирана опрема – нож за сечење дрвја и едно теренско возило – организирала и извршила акција за да го извлече лицето. Со себе имале и човек кој го познава добро теренот бидејќи се работи за планински терен надвор од селото, каде што има само викендички со голема оддалеченост една од друга. Патот дотаму е земјен, а висината на снежната покривка е околу половина метар и имало многу искршени гранки и дрвја од тежината на снегот што го попречувале движењето по планинскиот земјен пат“,
велат од ЦУК.
Вечерта, како што велат од ЦУК, лицето веќе било во својот дом и е во добра состојба.
