Од среда (29 април) микро, малите и средите претпријатија ќе можат да аплицираат за бескаматни кредити од Развојната банка.
Кредитите што ќе можат да ги подигнат компаниите ќе се движат од 3 000 евра минимум до 90 000 евра максимум. Ова е втора линија на бескаматни кредити, наречена „Ковид 2“ и е дел од економските мерки на Владата за помош на стопанството и за зачувување на работните места.
Вкупната сума што е предвидена за овие кредити е 8 милиони евра, а средствата се обезбедени преку компензациските фондови од Јапонија.
Начинот и условите на аплицирање денеска на прес-конференција ги презентираа министерката за финансии Нина Ангеловска, директорот на Развојната банка Кире Наумов и директорката на Централниот регистар Марија Бошковска-Јанковски.
Кои се условите и како ќе се пресметува висината на одобрениот кредит?
За разлика од првата линија на бескаматни кредити „Ковид 1“, која беше наменета само за три сектори (угостителство, туризам и транспорт), „Ковид 2“, ќе можат да ги користат фирмите од сите сектори.
Главниот услов е фирмата да има за 30 проценти намален приход во март 2020 во однос на март 2019 или во однос на просечните месечни приходи за 2019.
Компанијата што ќе аплицира треба да постои повеќе од половина година, да нема неплатени даноци и придонеси до 31 јануари 2020, да не е во постапка на стечај или ликвидација и да не спаѓа во категорија на исклучително ризични кредитобаратели.
Рокот на отплата е до 3 години, со грејс-период од 12 месеци и со обезбедување на меница.
Висината на кредитот ќе се определува според бројот на вработени според формулата:
Број на вработени помножено по 14 500 денари (минимална плата) помножено по три (три месеци).
Оваа формула нема да важи за микрокомпаниите што имаат под 5 вработени – тие ќе добијат кредити од по 3 000 евра, иако според формулата сумата би била пониска, како и за оние од 128 до 250 вработени, кои според формулата ја надминуваат максимално предвидената сума за кредитот – тие ќе добијат кредити од 90 000 денари.
Нема потреба од шетање по институции
Аплицирањето за кредитите ќе биде електронски по имејл-адреса објавена од Развојната банка.
Сите неопходни уверенија од УЈП, посочија на денешната прес-конференција, може да се побараат електронски преку системот за е-даноци, а од УЈП потоа ќе ги контактираат фирмите кога ќе може да се подигнат.
Дополнително, Централниот регистар и Развојната банка денеска склучиле договор за интернет-дистрибутивен систем специјално за „Ковид 2“, со што од регистарот бесплатно ќе се даваат документите за тековна состојба, потврда за стечајна и ликвидациона постапка и листинг од завршна сметка за 2019.
Фирмите нема потреба да одат ниту во Централниот регистар бидејќи со договорот, како што беше презентирано, е предвидено документите кои им се потребни вработените во Развојната банка електронски да ги преземаат од Централниот регистар.
„Ковид 1“ се истрошува, последните што аплицирале да аплицираат и во „Ковид 2“
Директорот на Развојната банка Кире Наумов денеска апелираше фирмите кои во последните десетина дена аплицирале за кредитите од првиот пакет – „Ковид 1“, да аплицираат и за „Ковид 2“, бидејќи средствата од првиот пакет се при крај, а одобрувањето е по принципот прв дојден-прв услужен.
Министерката за финансии Ангеловска вели дека имало голем интерес, односно одобрени се апликации од 254 компании во кои се вработени околу 3 000 лица, а вкупната сума одобрена за овие кредити е 2,2 милиони евра.
Меѓутоа, Директорот на развојната банка Кире Наумов најави дека денеска или утре до Владата ќе се достави нова група на барања за кредити за уште 2,2 милиони евра.
Со тоа вкупната сума на искористеност на средства од 5,7 милиони евра ќе достигне 4,4 милиони евра, а бројот на компании ќе се искачи на 583 во кои работат над 5 000 лица.