Дабовиќ-Анастасовска е избрана на предлог на СДСМ и доаѓа на местото на пензионираниот судија Јован Јосифовски, чиј мандат истече на почетокот на минатата година
Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, е избрана за судија во Уставниот суд. Откако го помина филтерот во собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, изборот на Дабовиќ-Анастасовска за уставен судија денеска беше поддржан и на пленарната седница во парламентот со мнозинство од 64 гласа.
По изборот, Дабовиќ-Анастасовска ја потпиша свечената изјава со која се обврза на совесно и одговорно извршување на функцијата и почитување на Уставот и законите на државата.

Јадранка Дабовиќ-Анастасовска е избрана на предлог на СДСМ и доаѓа на местото на пензионираниот судија Јован Јосифовски, чиј мандат истече на почетокот на минатата година. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје, каде што завршила и постдипломски студии по граѓанско право, а подоцна и докторирала.
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, со седуммина од вкупно девет судии, бидејќи постапката за избор на нови членови на местото на дел од претходните чиј мандат заврши, заглави во Собранието.
