„Унгарија припаѓа на таборот за проширување, затоа сметаме дека дискриминацијата на Западен Балкан е неприфатлива. На ЕУ ѝ треба свежината што би ја донеле земјите од Западен Балкан. Процесот на пристапување треба да напредува врз основа на перформансите на земјите, а не врз основа на вештачки, тактички аспекти“, вели шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто
Ниту Европската Унија ниту Украина не се подготвени за заемно корисен, добро структуриран почеток на пристапните преговори, меѓутоа земјите од Западен Балкан чекаат долги години и се доволно подготвени, и оттука е неразбирливо зошто некои земји членки го блокираат напредокот во нивниот случај.

Ова, во пресрет на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел во објава на социјалните мрежи го напиша министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
Според Сијарто, ниту една земја од Западниот Балкан не можела да постигне напредок во процесот на пристапување во ЕУ затоа што во последните години „преовладува атмосфера против проширувањето“.
„Унгарија припаѓа на таборот за проширување, затоа сметаме дека дискриминацијата на Западен Балкан е неприфатлива. На ЕУ ѝ треба свежината што би ја донеле земјите од Западен Балкан. Процесот на пристапување треба да напредува врз основа на перформансите на земјите, а не врз основа на вештачки, тактички аспекти“,
пишува Сијарто во објавата на социјалните мрежи.
По средбата на министрите на земјите членки на ЕУ во Брисел, Сијарто во изјава за медиумите кажа дека не е донесена одлука за почеток на преговорите со Украина.
„Тие сакаа да донесат политичка одлука, а ние веруваме дека треба да се почитуваат правилата и условите за пристапување и дека Украина и ЕУ не се подготвени за забрзани преговори за членство“,
изјави Сијарто.
Тој посочи дека веќе десет години во Европската Унија не е примена ниту една земја. Потсети дека С Македонија е кандидат од 2005 година, Албанија од 2014 година, Црна Гора од 2010 година, а Србија од 2012 година.