Преку изјавата, земјите упатија повик за акција до сите земји-членки на ОБСЕ, да се придружат во зголемувањето на напорите да се залагаат за слободата на медиумите и родовата еднаквост во регионот на ОБСЕ
Речиси три четвртини од новинарките искусуваат родово базирано насилство на интернет во текот на нивната работа. Со зголемени заеднички напорим кои ќе се осврнат на безбедноста на новинарките, и онлајн и офлајн, како приоритет ќе биде ставено клучното прашање за безбедноста на новинарките на меѓународната сцена, и во соодветните национални контексти, стои во изјавата на која се согласија вкупно 46 од 57 земји членки на ОБСЕ на маргините на Министерскиот самит на ОБСЕ, кој вчера и денеска се одржува во Скопје.

Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, истакна дека прогресот единствено може да биде постигнат со инклузивност.
„Достигнување на инклузивност значи дека мора да ги удвоиме напорите за да се избориме со родово базираното насилство, онлајн и офлајн“,
рече тој.

Претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро, на настанот истакна дека ако немаме пристап до јавно место и право на изразување, тогаш нашата демократија и плурализам не ја постигнале целта.
„Има многу новинарки кои што се под константен притисок и се самоцензурираат или ја напуштаат професијата, што значи дека го губиме гласот и влијанието врз демократијата и плурализмот е повеќе од очигледно“,
рече таа.
Во изјавата стои дека како приоритет ќе биде ставено клучното прашање за безбедноста на интернет за жените новинарки и на меѓународната сцена и во соодветните национални контексти кое ќе биде постигнато преку неколку чекори, како што е приспособување на родова перспектива, обрнување внимание на повеќекратните и вкрстени форми на дискриминација, зајакнување на напорите за собирање податоци, анализа и известување за случаи на родово засновано насилство преку Интернет, зајакнување на меѓусебната соработка за поттикнување на инклузивен, родово одговорен пристап од целото општество, како и посветување доволно човечки и финансиски ресурси за справување со онлајн родовото насилство врз новинарките.
„Jа нагласуваме виталната важност од поддржување на слободата на медиумите, усвојување на родова перспектива во нашиот пристап за почитување, заштита и исполнување на правото на слобода на изразување, како и зајакнување на психолошката и физичката безбедност на новинарите, и офлајн и онлајн“,
стои во изјавата.
Преку изјавата, земјите упатија повик за акција до сите земји-членки на ОБСЕ, да се придружат во зголемувањето на напорите да се залагаат за слободата на медиумите и родовата еднаквост во регионот на ОБСЕ.
Jан Борг, министер за надворешни работи на Малта и иден претседавач со ОБСЕ, истакна дека се тука, како идни претседавачи, како што рече, да осигураат дека ова прашање ќе продолжи да биде еден од приоритетите.
Министерот Борг ја прочита заедничката изјава на која се согласија 46 земји, и тоа: Албанија, Андора, Австрија, Белгија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Канада, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Грузија, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Молдавија, Монако, Црна Гора, Холандија, Северна Македонија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Сан Марино, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Украина, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави.
