Израелската војска денеска соопшти дека ја продолжува борбата против Хамас во Газа откако ја обвини палестинската милитантна група дека го прекршила седумдневното привремено примирје со пукање врз израелска територија
И покрај обновувањето на воените дејствија во Газа, преговорите за повторно примирје меѓу Израел и Хамас продолжуваат, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Катар, пренесува Си-ен-ен.
„Преговорите меѓу двете страни продолжуваат со цел повторно да се направи пауза на воените дејствија“,
додаваат од катарското Министерство.

Катар го осудил секое таргетирање или принудно раселување на цивилите во Газа и повикал на итен прекин на огнот за да се обезбеди непречен проток на хуманитарна помош во појасот.
„Континуираното бомбардирање на Појасот Газа во првите часови по завршувањето на паузата ги отежнува напорите за посредување и ја влошува хуманитарната катастрофа во појасот“,
посочиле оттаму.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) утрово фрлиле летоци во градот Кан Јунис во јужна Газа нарекувајќи го „зона на борби“ и со тоа им порачале на жителите веднаш да се евакуираат.
„До жителите на Ал Карара, Кирбет Хаза, Абадан и Бани Сухејла. Мора веднаш да се евакуирате и да се упатите кон засолништето во областа Рафа. Градот Кан Јунис е борбена зона“,
се вели во летокот на арапски.
За време на борбите пред неодамнешното примирје, Израел постојано им кажуваше на жителите на северна Газа да се преселат јужно од Вади Газа заради нивна безбедност.
Обединетите нации проценуваат дека најмалку 946 000 внатрешно раселени жители на Газа моментално се наоѓаат во јужниот дел на Газа.
Израелската војска денеска соопшти дека ја продолжува борбата против Хамас во Газа откако ја обвини палестинската милитантна група дека го прекршила седумдневното привремено примирје со пукање врз израелска територија.
Затворската служба на Израел рано утринава објави дека ослободила 30 Палестинци од израелските затвори како дел од седмата размена на заложници според договорот за прекин на огнот со лидерите на Хамас во Газа. Во соопштението за медиумите, затворската служба објави дека Палестинците ослободени од затворите во Израел, се од окупираниот Западен Брег и Ерусалим.
Привременото примирје меѓу Израел и Хамас траеше седум дена, а првично требаше да трае четири дена. Беше продолжувано со цел да се ослободат повеќе заложници, но и за да се направи поголем проток за хуманитарна помош во Газа.