Според агендата, денеска ќе се одржи третата пленарна сесија на која се очекува усвојување на одлуките на Министерскиот совет. Делегациите ќе ги изнесат своите завршни зборови
Денеска во Скопје се одржува последниот ден од триесеттиот Министерски совет на ОБСЕ.
Според агендата, денеска ќе се одржи третата пленарна сесија на која се очекува усвојување на одлуките на Министерскиот совет. Делегациите ќе ги изнесат своите завршни зборови.
Покрај пленарната сесија, за денеска се предвидени и неколку придружни настани на тема „Младите и граѓанското општество“; „За луѓето се работи – влијанието на теренските активности на ОБСЕ во 2023 година“; „Зачувување на плурализмот – безбедност на новинарките“.
Потоа е предвидено да започне завршната пленарна сесија на која обраќање ќе имаат актуелниот и идниот претседавач со Организацијата, Бујар Османи и Иан Борг. Дводневната конференција ќе биде заокружена со завршна прес-конференција.
Министерскиот совет на ОБСЕ се одржува во годината во која претседавач со Организацијата е Северна Македонија. Состанокот е најголемиот политичко-дипломатски настан некогаш одржан во земјава, на кој учествуваат околу 1 000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.