Точно е дека како пратеничката група на СДСМ собираме потписи за свикување седница на Собранието. Станува збор за иницијатива која ќе биде доставена до претседателот на Собранието господинот Талат Џафери, потврди денеска портпаролот и пратеник на партијата, Костадин Костадинов.
„Ставот на нашата пратеничка група е дека Собранието во една таква ситуација треба да биде ставено во функција. Секако сметаме дека за тоа сме во согласност со Уставот на државата, и затоа од таа причина сметаме дека треба да направиме уште еден обид во тој дел. Добро е да се свика Собранието имајќи го предвид времетраењето на оваа здравствена криза, но секако и потврдувањето на одлуките на претседателот на државата“,
рече Костадинов.
Костадинов ги отфрла шпекулациите дека сакаат да го тргнат Талат Џафери од функцијата претседател на Собранието.
„Ги отфрламе сите шпекулации за наводен обид на нашата пратеничка група за тргнување на претседателот на Собранието, Талат Џафеи“,
рече пратеникот.
Тој посочи дека прават консултации и со пратеници од други пратенички групи и денеска или во текот на утрешниот ден иницијативата ќе биде доставена до претседателот на Собранието.
„360 степени“ синоќа објави дека пратениците на СДСМ собираат потписи, а во текот на денешниот ден со ставови излегоа и дел од останатите партии. ДПА ја поддржува иницијативата, ДУИ вели дека мора да има консензус, а ВМРО-ДПМНЕ, според одговорот на партискиот потпретседател Владо Мисајловски, е против.