Хутите се прогласија за дел од „оската на отпорот“ на иранските сојузници и исто така лансираа серија беспилотни летала и проектили кон Израел, а во неделата запленија брод со 25-член екипаж во Црвеното Море
Соединетите Американски Држави (САД) вчера соопштија дека ја разгледуваат можноста за прогласување на јеменските бунтовници хути за терористичка организација откако нивни припадници запленија брод во Црвеното Море поврзан со Израел, јавуваат светските агенции.

Запленувањето на бродот „Галакси лидер“ (Galaxsy leader) и заробувањето на неговата 25-члена посада се случи во неделата, неколку дена откако хутите, кои ја имаат поддршката на Иран, се заканија дека ќе ги гаѓаат израелските бродови поради војната меѓу Израел и Хамас.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, изјави дека во светло на… пиратскиот напад на брод во меѓународни води со сојузниците и партнерите почнале да разгледуваат јеменските бунтовници да ги означат како терористи, како и други опции, јавува АФП, а пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Инаку, бродот „Галакси лидер“, кој плови под бахамско знаме, е во сопственост на британска компанија, но со неа управува јапонска фирма. Бродот, како што се наведува, е поврзан со израелскиот бизнисмен Абрахам Рами Унгар.
Кирби ги повика бунтовниците веднаш да го ослободат бродот и екипажот и тоа безусловно.
Хутите објавија дека го зазеле бродот како одмазда за израелската војна против Хамас, која почна на 7 октомври по нападот на палестинските милитанти на области на југот на Израел, во кој, според израелските власти, биле убиени најмалку 1 200 луѓе, а 240 земени како заложници.
Во израелските воздушни напади и копнени операции во Појасот Газа оттогаш, според Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, се убиени повеќе од 14 000 Палестинци, меѓу кои голем број жени и деца.
Хутите се прогласија за дел од „оската на отпорот“ на иранските сојузници и исто така лансираа серија беспилотни летала и проектили кон Израел.
Инаку, Вашингтон, како што потсетува АФП, ги тргна хутите од листата на терористички организации во февруари 2021 година.
Официјални претставници на САД сметаат дека повторното враќање на оваа листа може да го искомплицира одговорот на хуманитарната криза во разурнатиот од војна Јемен, кој е под делумна контрола на бунтовничката група.