Очекуваме надлежното јавно обвинителство веднаш да поднесе соодветни кривични пријави, соопштија од СДСМ
Одговорност за дивеењето на Левица во Собранието мора да има, порачаа од СДСМ откако пратеникот на Левица, Борислав Крмов денеска искрши монитор, микрофони и фрлаше хартии кон потпретседателот на парламентот, Горан Мисовски.
„Го осудуваме дивеењето на Левица во Собранието, кршењето и нападот на потпретседателот на Собранието и генералниот секретар. Поради разумот на мнозинството не дозволиме во македонското Собрание да се реализира смислено сценарио и обид за предизвикување физички конфликти и хаос. За дивеењето мора да има одговорност од пратениците на Левица. Очекуваме надлежното јавно обвинителство веднаш да поднесе соодветни кривични пријави“,
порачаа од СДСМ.
Ова што денеска го видоа граѓаните, додаваат од владејачката партија, е потврда на она што го говориме цело време, дека со Левица и нивниот коалициски партнер се можни само инциденти, насилства и хаос.
„Односот на Левица кон институцијата Собрание е однос кон државата, денес компјутерот во Собрание, утре народот. СДСМ нема да дозволи сценаријата на проруската Левица да успеат“,
се додава во соопштението на СДСМ.
Револтиран од тоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, пратеникот Борислав Крмов, барајќи да се прекине седницата, денеска го искрши мониторот од компјутерот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски, кој ја водеше седницата. Истовремено, тој ги откорна микрофоните и ги расфрли сите хартии околу говорницата во Собранието.
Крмов побара збор кога се дискутираше за измена на Деловникот и побара од потпретседателот на Собранието да ја прекине седницата.