Од Беса денеска попладне остро реагираа на објавата на директорот на ЦУК Стојанче Ангелов кој на Фејсбук напиша да не се „чепка“ крстот, бидејќи во спротивно ќе организира негова одбрана. Од партијата на актуелниот градоначалник на Тетово Билал Касами обвинија дека поставувањето на крстот ѝ оди во прилог на ДУИ и дека на нивниот мамец се фатиле и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, предупредувајќи ги да не си играат со оган
Да не се поткреваат меѓуетнички тензии денеска порача претседателот на државата Стево Пендаровски, додавајќи дека тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми
Политичките партии продолжуваат со меѓусебните обвинувања и остри реакции во врска со поставувањето на 15-метарскиот крст на земјиште на манастирскиот комплекс „Свети Наум Чудотворец“ на Попова Шапка.
Лидерот на Беса и актуелен градоначалник на Тетово Билал Касами, кој вчера заедно со партнерите од коалицијата „Европски сојуз за промени“ – Алтернатива и Демократско движење, побара од Македонската православна црква – Охридска Архиепископија“ самата да го отстрани верското обележје, денеска не одговори на новинарските прашања поврзани со оваа тема.
Тој само изјави дека критиките упатени кон нив се политички, додавајќи дека верските објекти ќе бидат регулирани со урбанистичкиот план.
„Денес имаме подобра причина зошто сме овде, но јас сакам само една порака да испратам. Тие што не сакаат да ги видат инвестициите на Општина Тетово тие гледаат причина да ја критикуваат Општината за предмети кои не се во нејзина надлежност. Во урбанистичкиот план се верските објекти, црквата и џамијата и се надева дека ќе се завршу работата и околу легализирање на врските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти како и за џамијата и придруѓните објекти околу муслиманскиот верски објект“,
ја пренесува ТВ Телма изјавата на Касами кој денеска пушташе во употреба реконструирана улица во викенд населбата.
Сепак, попладнево од Беса се огласија со писмена реакција во врска со објавата на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов кој на Фејсбук напиша да не се „чепка“ крстот на Попова Шапка.
„Ги предупредувам албанските политички фактори во државата, никако да не ги споменуваат зборовите ‘отстранување’ или ‘рушење’ во иста реченица со крстот на Попова Шапка. Во спротивно, јас како граѓанин, со некои мои пријатели од 2001-та ќе организирам негова одбрана“,
напиша Ангелов на Фејсбук, кој денеска имаше изјава и до самото место на Попова Шапка, од каде упати апел до сите албански политички фактори да не си играат со верските чувства на граѓаните, да не распалуваат меѓуетничка омраза бидејќи тоа нема да не одведе никаде.
Од Беса во реакцијата, која ја пренесува МИА, се вели дека однесувањето на еден владин фукционер како Стојанче Ангелов само уште еднаш потврдува дека поставувањето на Крст на Попова Шапка не е во чест на верата туку политичка провокација.
„Само политички очајници и губитници можат да се обидуваат да печалат поени со предизвикување етнички тензии на верска основа. Ова е на штета на православните верници кои некој сака да ги направи орудие за политичка агенда. ДУИ седи во Влада која го именувала Стојанче Ангелов за Директор на Центарот за управување со кризи. ДУИ има Директор во Државниот Инспекторат за градежништво, кој има непосредна надлежност за рушење. ДУИ има интерес да не се зборува за нивните матни бизниси со Дака во Тетово, за коцкарските криминалии, за корупциските скандали со јавните набавки. На ДУИ му треба Крстот за да го отргне фокусот од вистинските прашања. За жал СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се фатија на нивниот мамец. Ја користиме приликата уште еднаш да апелираме да не се играат со оган. Самовластие нема да толерираме. Закани не не плашат. Ќе постапиме согласно закон“,
се наведува во соопштението од Беса, кое го пренесува државната новинска агенција.
Според шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи темата со крстот е предизборна игра на Беса за да се подгреат тензии. Одговарајќи на новинарско, тој рече дека нему не му пречи ниту еден религиозен симбол доколку не е со цел да предзвика меѓуетнички тензии.
„Мене не ми пречи ниту еден религизен симбол, меѓутоа доколку тие се ставени со цел да бидат искористени за создавање на тензии во предизборен период верувајте дека тоа штети најмногу на самиот крст и најмногу штети на верниците коишто го почитуваат тој верски симбол“,
изјави Османи.
Претходно од ДУИ жестоко реагираа на поставувањето на 15-метарски крст во Туристичкиот центар „Попова Шапка“ и бара одговорност од општина Тетово што го дозволила овој скандал.
Од ВМРО-ДПМНЕ, во писмена изјава за ТВ Сител велат дека пред да се говори за попречување на правото на верниците да истакнат свој симбол, надлежните институции контролирани од ДУИ и СДСМ да се позанимаваат со стотиците дивоградби на Попова Шапка кои никнуваат секојдневно.
Да не се поткреваат меѓуетнички тензии, денеска порача претседателот на државата Стево Пендаровски, додавајќи дека тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми.
„Лошо е како политичка пракса и како обиди на поедници или политички субјекти да на тоа ќаруваат поени. Тоа е во крајна инстанца опасно. Нема да биде дестаблизирана државата, меѓутоа можат да се влошат меѓуетничките односи меѓу етничките заедници во Македонија и тоа е последната работа која ни треба покрај сите други проблеми што ги имаме“,
изјави шефот на државата.