Во оваа општина, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, иако изминативе години се издадени само осум градежни дозволи, доволно е само да се прошета низ општината и лесно ќе се увиди дека има десетици пати повеќе изградени нови објекти
Незаконската легализација на објекти во Чаир е последен пример за корупцијата и двојните стандарди во Република Македонија, реагираат од комисијата за локална самоуправа на ВМРО-ДПМНЕ.
„Нов ден, нов корупциски скандал во Македонија, во режија на двоецот во заминување СДС-ДУИ. Комисијата за локална самоуправа многупати досега алармираше на криминалите, корупцијата и самоволието на централната власт во однос на општините, но и за двојните аршини кои важат за општините каде градоначалниците се од редовите на опозицијата од тие каде градоначалниците се од нивните партии. Последен од случаите за еклакатантни двојни аршини е тој во Општина Чаир, каде што секојдневно се дозволува дивеење на урбаната мафија“,
реагираат од најголемата опозициска партија.
Во оваа општина, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, иако изминативе години се издадени само осум градежни дозволи, доволно е само да се прошета низ општината и лесно ќе се увиди дека има десетици пати повеќе изградени нови објекти.
„За жал, Општина Чаир не е само нем послушник во целата работа, туку е и активен учесник преку кршење на закони, фалсификување на документи и други тешки кривични дела. Имено, спротивно Законот за постапување со бесправно изградени објекти од 2011 година, каде според член 2, став 2, јасно се вели дека легализацијата е можна само за објектите изградени до тој момент, деновиве во јавноста се појавија информации и докази дека Општина Чаир фалсификува документи и го крши законот преку легализирање на објекти кои се изградени години по носењето на овој закон“,
посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија нагласуваат дека институциите на централната власт, како што се државниот Инспекторат за урбанизам и градежништво, државниот Инспекторат за локална самоуправа и Министерството за транспорт и врски, „со години не реагираат на самоволието на општините кои се од нивната политичка провиниенција и нивното време го користат за малтретирање на општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ и блокирање на нивната работа на секој можен начин“.
Имено, како што веќе објави „360 степени“, во Чаир има висококатници изградени последниве две-три години кои се легализирани како да постоеле во 2011 година.
Од Општината Чаир не ја негираат појавата. На прашањето како е тоа можно, се повикаа на член од Законот за постапување со бесправни објекти, според кој самиот барател на легализацијата има опција само со писмена изјава заверена на нотар, под целосна кривична и материјална одговорност, да тврди дека објектот му бил готов пред крајниот рок – 3 март 2011 година.
Локалната власт немаше директен одговор на фактот дека последниот рок за поднесување на барања за легализација е завршен неколку години (31 декември 2018 година) пред да почне градбата на некои од сега веќе легализираните објекти.
Законот за постапување со бесправно изградени објекти беше објавен во Службен весник на 24 февруари 2011 година и стапи на сила осум дена подоцна. Во членот 2, став 2, јасно се вели дека легализацијата е можна само за објектите изградени до тој момент.
Екипа на „360 степени“ беше на терен и лично најде неколку висококатници кои законски не смееле да бидат легализирани, но сепак се случило спротивното.
Досега на територијата на општината дојдовме до бројка од околу 20 – и тоа само станбени згради на повеќе катови, без да броиме куќи и семејни згради. Вечерва во новата емисија на „360 степени“ на МРТ1 откриваме и други детали за криминалот од огромни размери.