Претседателката Ивановска рече дека без разлика што веќе петта година се во Комисијата, ефектот од нивната работа не може да дојде до целосна реализација поради неспроведување на нивните иницијативи од страна на институциите, Владата и други органи
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница донесе одлука до Владата да поднесе иницијатива за одговорност и за кривично гонење за несовесно работење и трошење на буџетските средства на директорот на Агенцијата за филм.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, детално го образложи случајот со Агенцијата за филм, ревизорските извештаи за финансиското работење на Агенцијата и документите што се проверувани, меѓу кои и за вработувањата во Агенцијата и ангажирање експерти и лица со договор на дело.
Ивановска истакна дека Владата треба да ги слуша нивните препораки и да ги препрочитува ревизорските извештаи.
„Глава не можеме да кренеме од партиски вработувања“,
вели претседателката на ДКСК во однос на ангажирањето вршители на должност во некои институции и вработени со авторски договори.
Иницијатива за кривично гонење ДКСК усвои и за актуелниот и поранешни градоначалници на Радовиш затоа што 12 пати ангажирале лице како вршител на должност директор на јавното претпријатие „Плаваја“-Радовиш без објавување оглас.
Членот на Комисијата, Нури Бајрами, кој рефереираше за случајот, рече дека за ангажирање на ова лице не бил објавен оглас ниту еднаш зашто немало можност за други кандидати, односно му се овозможило само на едно лице да се вработи и да зема функционерска плата. Според него, нема како да се нарече оваа ситуација освен дека е корупција и упад во правниот систем.
Во проверката на документацијата е утврдено дека лицето има соодветно високо образование.
До ДКСК се стасани материјали и за случајот со Клиниката за онкологија, но тие ќе бидат проследени до надлежните институции имајќи предвид дека за него веќе се води истрага во Обвинителството.
На почетокот на денешната седница, ДКСК го разгледа Извештајот на Европската комисија во делот што се однесува на нивната работа.
Претседателката Ивановска рече дека без разлика што веќе петта година се во Комисијата, ефектот од нивната работа не може да дојде до целосна реализација поради неспроведување на нивните иницијативи од страна на институциите, Владата и други органи.
Таа изрази надеж дека наредниот состав на Комисијата, за којшто веќе е распишан оглас, ќе ја надмине нивната работа во позитивна смисла бидејќи има добра основа за тоа.
„Се надевам дека свеста кај институциите, кај раководната структура, кај лидерите, кај сите ќе проработи и да знаеме дека од нас се зависи и дека навистина мораме сериозно да се зафатиме со овој проблем“,
рече Ивановска.
На денешната седница ДКСК разгледа и други предмети.
