Прашањето за враќањето на Никола Груевски е внатрепартиско прашање на ВМРО-ДПМНЕ и го засега актуелното раководство на таа партија. ДУИ не добива ништо, нашиот електорат е различен. ВМРО-ДПМНЕ се бори за македонските гласови, а ДУИ за албанските – вели потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи
Не е можно да се формира власт без ДУИ. ДУИ нема конкуренција пред електоратот. Ќе бидеме на власт додека граѓаните одлучат поинаку, не може неколку олигарси да го спречат суверенитетот кој извира од волјата на граѓаните – вели Османи
Според актуелниот министер за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, какво било прашање поврзано со евентуално враќање на поранешниот премиер Никола Груевски, треба да биде адресирано до актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, а не кон неговата партија. Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Османи тврди дека неоправдано се обвинува „дежурниот кривец ДУИ“ и покрај тоа што тие се борат за гласовите на Албанците.

„Не мислам дека прашањето на враќање на Груевски е прашање на ДУИ, туку е внатрепартиско прашање во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа се стравовите коишто ги има во актуелното раководство – од евентуално враќање на Груевски поради тоа што сите анкети го покажуваат како попопуларен отколку актуелното раководство. Значи, нивниот страв се обидуваат да го проектираат врз ДУИ. ДУИ нема никаков интерес, ниту е директен конкурент за електоратот на ВМРО-ДПМНЕ. Ние имаме албански, тие македонски електорат. Така што, тоа е внатревмровски, проблем на ВМРО-ДПМНЕ, којшто се обидуваат да го проектираат, а се разбира, дежурниот кривец за сè е ДУИ. Нели ДУИ е злото во оваа држава. Таков е наративот кој се обидува да се создаде. Бидејќи не можат да кажат Албанците се злото, па треба со некоја политичка култура да се каже дека ДУИ е злото, а всушност се мисли на Албанците. И тој наратив се обидува да се префрли на дежурниот кривец. Не, не… дали ќе дојде Груевски, кому ќе штети, е прашање на ВМРО-ДПМНЕ и евентуална придобивка да има СДСМ“,
вели Османи во интервјуто.
Шефот на дипломатијата и потпретседател на ДУИ ги отфрла наводите дека неговата партија се обидела да влијае врз судската власт со цел да се оживеат помилувањата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и тврди дека сака да го види Груевски во затвор.
За политичките математики, вели дека која партија која ќе го освои мнозинството гласови кај Македонците, ќе формира влада со ДУИ.
„Ние сме победници кај Албанците, тој што ќе победи кај Македонците ќе прави коалиција со нас. Ако вознемиреноста за хипотетичко враќање на Груевски е на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, зошто толку се засегнати овие помали албански политички партии? И затоа кога (за нив, н.з.) велат дека тие се портпароли на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, тие реагираат бурно“,
вели Османи.

Одговарајќи на констатацијата дека интерес на албанската опозиција е ВМРО-ДПМНЕ да биде силна за да може да се стигне до мнозинство со нив (а без ДУИ, н.з.) во парламентот може да се формира мнозинство и без ДУИ, Османи вели – па, тоа се случи во 2006 година и колку траеше.
„Значи, не може преку ‘чесни Албанци’ да се одразува волјата на Албанците во која било влада. Мене тоа што ме загрижува е овој наратив кој се создава во општеството дека Албанците се злото – еве, викаат ДУИ е во сите институции. Потсвесно, кога гледаат Албанци специјалисти на клиники, кои порано ги немаше, велат ДУИ е насекаде. Кога одат во судство, гледат обвинители и судии Албанци и еве ДУИ е тука. Не, тоа се Албанци. Не се тоа ДУИ. Тоа се Албанците кои сега добија можност да се претстават во институциите. Некому таа еднаквост му пречи. Во нивните националистички глави стои албанофобија. Не можат да ја кажат, бидејќи е непопуларна и се создава анти-ДУИ наратив“,
вели потпретседателот на ДУИ во интервјуто за „360 степени“.
За Изет Меџити, лидер на неодамна формираната партија Демократско движење и висок функционер на ДУИ над 20 години, вели дека критикувајќи ја ДУИ, плука врз себе, а за Биљал Касами и Беса дека коалицираат како што им одговара.