Додека бев надвор од првата линија на политиката во последните седум години, се надевам дека моето искуство – како конзервативен лидер единаесет години и премиер шест години – ќе ми помогне да му помогнам на премиерот да одговори на предизвиците со кои се соочуваме како земја, пишува Камерон на „Икс“

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон е назначен за министер за надворешни работи и тој седнува на местото на Џејмс Клеверли, кој пак, се преселува во Министерството за внатрешни работи откако од таа позиција беше разрешена досегашната министерка Суела Браверман.
Разрешувањето на министерката за внатрешни работи е дел од пошироката промена во британската влада.
? HERE WE GO
— Conservatives (@Conservatives) November 13, 2023
Today @RishiSunak strengthens his team in Government to deliver long-term decisions for a brighter future.
Stay tuned for the latest. pic.twitter.com/ianN6edyDU
Од владејачката Конзервативна партија во изјава цитирана од ДПА велат дека целта на Сунак е да го зајакне својот тим „за да постигне долгорочни решенија за посветла иднина“.
„Додека бев надвор од првата линија на политиката во последните седум години, се надевам дека моето искуство – како конзервативен лидер единаесет години и премиер шест години – ќе ми помогне да му помогнам на премиерот да одговори на предизвиците со кои се соочуваме како земја“,
пишува Камерон во објава на социјалната мрежа „Икс“.
The Prime Minister has asked me to serve as his Foreign Secretary and I have gladly accepted.
— David Cameron (@David_Cameron) November 13, 2023
We are facing a daunting set of international challenges, including the war in Ukraine and the crisis in the Middle East. At this time of profound global change, it has rarely been more…
Тој додава дека можеби не се согласува со некои индивидуални одлуки, но, како што вели, јасно му е дека Риши Сунак е силен и способен премиер, кој покажува примерно лидерство во тешко време.
„Сакам да му помогнам да ја испорача безбедноста и просперитетот што ѝ треба на нашата земја и да биде дел од најсилниот можен тим што му служи на Обединетото Кралство и кој може да ѝ се претстави на земјата кога ќе се одржат општите избори“,
додава Камерон.
На местото на разрешената министерка Суела Браверман, британскиот премиер Риши Сунак денеска го назначи поранешниот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли кој во првите изјави од оваа позиција рече дека има намера да ја работи оваа работа на начин на кој чувствува дека најдобро ги штити британскиот народ и интересите на земјата.
Напуштањето на функцијата на Браверман, како што во изјава за Би-би-си наведуваат извори од владата на Сунак, е поради реконструкција на кабинетот на британскиот премиер. Според истите извори, Сунак побарал од министерката Браверман да ја напушти владата, а таа прифатила.
Сепак, нејзиното разрешување следува по низата критики кои стигнаа на нејзина адреса откако таа во изјава за британски „Тајмс“ кажа дека полицијата била премногу попустлива кон пропалестинските демонстранти за време на протестите за поддршка за Палестинците што се одржуваа во Лондон.
Во контроверзната изјава, министерката рече дека лондонските полициски сили имаат игнорантски однос кон прекршувањето на законот од страна на пропалестинските толпи, а демонстрантите кои повикуваат на прекин на огнот во Појасот Газа ги обвини за омраза.