Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, предупредуваат дека со непочитување на независноста на Собранието кое се темели на салобода на говор во Собрание и собраниските работни тела, Македонија повеќе не би можела да се смета за држава која има институции за зачувување на демократското управување
Пресудата за навреда и клевета за став искажан од Собраниска говорница против колегата Бране Петрушевски е противуставна, противзаконска, правно-уникатна дивоградба и преставува дефиниција за авторитарна, односно тоталитарна држава, реагира ВМРО-ДПМНЕ на судската пресуда на Основниот суд – Куманово, во која се вели дека тој во говор од собраниската говорница го омаловажил колегата пратеник од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, и му ја повредил честа.
Во пресудата, која пратеникот Бране Петрушевски ја објави на Фејсбук, може да се види дека тој на пратеникот Костовски треба да му исплати 150 илјади денари плус законска камата за душевна болка предизвикана од навреда искажана од собраниската говорница.
Според пратеникот Миле Лефков, за првпат во историјата на плурализмот во Македонија, пратеник е осуден за став искажан од собраниската говорница.
„Самата пресуда значи дека Македонија наместо демократија гради систем каде што владата односно партиите на власт ги контролираат сите лостови на власта, вклучувајќи го судството, па со помош на сите инструменти јавно покажува дека не толерира никакви опозициски или издвоени гледишта и користи страв и заплашување за да ја остварува својата власт над општеството“,
вели Лефков.
Според него, независноста на Собранието во вршење на законодавна власт е обезбедена преку имунитетот на пратеникот.
„Согласно со Уставот, пратениците имаат два вида имунитет материјален или суштински имунитет и процедурален имунитет. Материјалниот имунитет значи дека пратеникот не може да биде повикан на кривична или друга одговорност, или да биде притворен за искажано мислење или гласање на седниците на Собранието или на неговите работни тела. (Закон за пратениците, член 16). Материјалниот имунитет ја гарантира слободата на говорот, на седниците на Собранието или на неговите работни тела. Овој вид имунитет не може-да повторам НЕ МОЖЕ да биде предмет на расправа за одземање!“,
објаснува Лефков.
Вели дека процедуралниот имунитет значи неможност пратеникот да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
„Заедно, овие два вида имунитет ја обезбедуваат слободата на пратеникот во вршењето на пратеничката функција. Затоа, пресудата за навреда и клевета за колегата Бране Петрушевски преставува сериозен преседан“,
посочи пратеникот.
Предупредуваме, посочи Лефков, дека со непочитување на независноста на Собранието кое се темели на салобода на говор во Собрание и собраниските работни тела, Македонија повеќе не би можела да се смета за држава која има институции за зачувување на демократското управување.
„Со оваа пресуда Македонија директно ги крши, односно не ги исполнува Копенхашките критериуми, со што свесно се откажува од исполнување на условите за функционални и независни институции, за функционална демократија и на сметка на тесно партиските интереси на губитниците од СДС се откажува од сопствената евроинтеграција“,
заклучи тој.
Инаку, Петрушевски е осуден затоа што од говорницата го обвинувал Костовски дека зел канадски пасош за да се спаси од затвор, по објавувањето на закон без потпис и указ од претседателот на државата.
Рекол и дека за да гласа за францускиот предлог, министерот за надворешни работи Бујар Османи ја вработил неговата сопруга во МНР, како и дека ќе треба да докаже како со чиновничка плата од 50 до 60 илјади денари гради зграда во центарот на Куманово.
Го обвинувал и дека земал пари за да вработува лица во градската администрација, како и дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го спасил откако со 1,47 примили алкохол во крвта нападнал двајца негови сограѓани.
Пратеникот Мартин Костовски, на својот фејсбук-профил вчера објави дека во Основниот суд – Куманово е донесена пресуда со која се утврдува граѓанска одговорност за навреда и клевета на пратеникот Бране Петрушевски.