Целосно се спротивставувам на скандалозните обиди да се дискредитира правото на новинарите да пишуваат, да алармираат, да критикуваат и да изразуваат сомнежи, објави на Фејсбук вицепремиерката Грковска

Содржината на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева, која одлучуваше во случајот „Фероинвест против ИРЛ“, според која ИРЛ не е медиум и може да се соочи со забрана за работа, денеска наиде на осуда и од заменик-претседателката на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.
„Никој нема право, ниту судската власт, ниту другите државни институции да ја забранат или ограничат слободата на медиумите и слободата на изразување кои се загарантирани со Уставот“,
смета Грковска.
Грковска, во објава на својот фејсбук-профил, пишува дека слободата на изразување, јавниот интерес и слободните медиуми се врвен приоритет за едно општество. Тие, според неа, не смеат да бидат загрозени, ниту попречувани на каков било начин.
„Целосно се спротивставувам на скандалозните обиди да се дискредитира правото на новинарите да пишуваат, да алармираат, да критикуваат и да изразуваат сомнежи. Новинарската професија мора да биде самостојна, слободна, да биде саморегулирана од страна на авторитетните медиумски тела и организации, во согласност со законската регулатива и новинарските стандарди“,
додава вицепремиерката Грковска.
Пресудата за сторијата на ИРЛ, „Заговор против воздухот“ беше објавена на 24 октомври, а вчера стасало писменото образложение во кое се користат низа проблематични квалификации кои се граничат со цензура и закани за затворање на медиумот.
Денеска реакции има од повеќе новинари од повеќе редакции, кои во изјави за ИРЛ реагираат на скандалозната пресуда на Основниот граѓански суд Скопје во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ во која се вели дека ИРЛ нема својство на медиум, како средство за јавно информирање според Законот за медиуми, a неговите членови (на Здружението) немаат својство на новинари, ниту можат да се претставуваат како новинари или да се занимаваат со истражувачко новинарство и сето тоа да го објавуваат преку средствата за јавно информирање.
Реакција, денеска, стигна и од претседателот Стево Пендаровски во која се вели дека слободата на медиумите е директно поврзана со степенот на демократијата во едно општество и со заштитата на јавниот интерес, а новинарството е слободна и независна професија и како таква е потребно да подлежи на саморегулација од страна на медиумските тела и организации, додека, пак, јавноста има право да биде навремено и точно информирана за сите важни прашања кои го опфаќаат јавниот интерес.
Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) како главни спорни точки во пресудата ги гледа деловите – „ИРЛ нема својство на медиум“, „членовите на ИРЛ немаат својство на новинари“, дека тие не смеат да објавуваат новинарски емисии, ниту, пак, да се претставуваат како новинари и да се занимаваат со жанрот истражувачко новинарство. Со ваквите квалификации, велат од ССНМ во реакцијата, со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето, претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите и води кон потенцијална цензура.
Од Синдикатот истакнуваат дека државните институции, како и правосудните органи, не смеат да навлегуваат во тоа кој е новинар или што е медиум, туку дека тоа е работа на новинарската фела, за што постојат и правила за саморегулирање.
Од Здружението на новинарите на Македонија уште вчера остро реагираа на објавеното писмено образложение на пресудата.
ЗНМ за оваа судска постапка ќе иницира пријава до Платформата на Советот на Европа за промовирање на заштитата на новинарството и безбедноста на новинарите. Платформата известува за сериозни закани за безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во Европа, а со цел да се зајакне одговорот на Советот на Европа на заканите и одговорноста на земјите членки.