Меџити најави набавка на нова магнетна резонанца на Клиниката за неврологија и целосно реновирање на ургентниот интернистички центар со тријажа
Крајно време е Обвинителството да излезе со точно име и презиме за случајот „Онкологија“, повика денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, кој беше на Клиниката за неврологија, од каде што рече дека вратоврската и костумот го гушат, не претпочита да биде политичар и оти најдобро се чувствува во белиот мантил.
„Тука најубаво се чувствувам со белиот мантил, не претпочитувам да бидам политичар ниту од некоја партија, тука сум да бидам лекар, тоа ќе останам за така да ги подобриме работите во здравството“,
рече Меџити.
Меџити, на денешната промоција на нова медицинска опрема и реновирани специјалистичко-консултативни амбуланти на Клиниката за неврологија, рече дека во здравството треба секој ден да гасат новонастанати жаришта и дека работите веќе почнале да се средуваат и напредуваат.
Меџити, меѓу другото, најави и набавка на нова магнетна резонанца на Клиниката за неврологија и целосно реновирање на ургентниот интернистички центар со тријажа.
„Ќе почне да се реновира во целост ургентниот интернистички центар со тријажа и веќе нема пациентите да талкаат по ходници, јас и моите колеги невролози знаеме точно дека пациентите талкаат од една до друга клиника, сега ќе доаѓаат на едно место и таму ќе се третираат. Друго што можам да најавам денеска е дека ќе има нова магнетна резонанца посебно за Клиниката за неврологија. Сега се прават подготовките за јавна набавка и мислам дека во скоро време ќе биде објавен тендерот. Воедно Клиниката за кожни болести ќе премине во Клиниката за неврофизиологија, таа ќе биде во целост адаптирана и реновирана за услови за клиниката за кожно. Клиниката на неврофизиологија, пак, ќе дојде на местото на клиниката на кожно и така постепено сите тие ќе бидат реновирани, но верувајте, целиот тим работиме заедно за овие работи еднаш засекогаш да се решат“,
изјави Меџити.
Меџити најави дека за новата магнетна резонанца се прават подготовки затоа што, како што рече, тоа е процес што бара посветеност.
„За да ја набавите таа апаратура, потребни се и услови. Знаете каков е примерот со штипската болница, некој во минатото си донел апаратура, а нема услови и нема основа за тоа да се стави“,
посочи Меџити.