Изјавата на украинскиот претседател е во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија во кој ќе се оцени состојбата на напредокот на земјите кандидати и ќе одлучи дали да ги отвори пристапните преговори со Украина и Молдавија
Украина ќе биде дел од Европската Унија, изјави синоќа украинскиот претседател Володимир Зеленски во пресрет на извештајот за напредок на земјите кандидатки што денеска треба да го објави Европската комисија (ЕК).
„Утре е важен ден“,
рече тој во синоќешното обраќање до нацијата, опишувајќи го претстојниот извештај на ЕК како „историски“.

Зеленски рече дека неговата земја подготвува следни чекори, вклучително и за зајакнување на нејзините институции, но призна дека е потребна повеќе работа за земјата да се „приспособи на стандардите на ЕУ“.
„Украина ќе биде во ЕУ“,
рече Зеленски.
Европската комисија денеска ќе ја објави својата оценка за состојбата на напредокот на земјите кандидати и ќе одлучи дали да ги отвори пристапните преговори со Украина, Молдавија, што ќе биде потврдено на самитот на ЕУ во Брисел во средината на декември.
Украинската вицепремиерка Олха Стефанишина во понеделникот изјави дека Украина се надева оти ќе добие позитивна оценка од ЕК за нејзиниот напредок кон евентуалното членство во Унијата. Додаде дека Киев ги спровел сите реформи што се барале од него.
„Би рекла дека оценката дефинитивно ќе биде позитивна, бидејќи бевме во постојан контакт со Европската комисија, разговаравме за чекорите и преговаравме за чекорите што успеавме да ги спроведеме“,
рече Стефанишина.
ЕУ им додели кандидатски статус на Украина и Молдавија во јуни 2022 година, нарекувајќи ја одлуката „историски момент“ во екот на руската агресија.