Владата на Нетанјаху во неделата го суспендира министерот за еврејско наследство, кој е од редовите на екстремната десница, од сите состаноци на кабинетот до дополнително известување. Израелскиот премиер во реакцијата на изјавите на министерот рече дека тие не се засноваат на реалноста
Соединетите Американски Држави (САД) ги сметаат за целосно неприфатливи изјавите на израелскиот министер за еврејско наследство Амихаи Елијаху, кој во неделата во интервју за израелско радио рече дека една од опциите е да се фрли нуклеарна бомба врз Газа.

Коментирајќи ја изјавата на израелскиот министер, портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател ги повика сите страни во конфликтот да се воздражат од реторика на омраза.
„Премиерот (Бенјамин) Нетанјаху и израелската валада ги отфрлија ваквите зборови, кои ги сметаме за целосно неприфатливи. Важно е сите страни во конфликтот да се воздржат од реторика на омраза што може да ги разгори тензиите“,
рекол Пател, пишува агенцијата АФП, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Владата на Нетанјаху во неделата го суспендира министерот Елијаху, кој е од редовите на екстремната десница, од сите состаноци на кабинетот до дополнително известување.
„Изјавите на Елијаху не се засноваат на реалноста. Израел и ИДФ постапуваат во согласност со највисоките стандарди на меѓународното право за да избегнат штета на невините. Така ќе продолжиме додека не победиме“,
реагираше Нетанјаху.
Министерот за израелско наследство во интервју за израелското радиот „Кол Барама“, одговарајќи на прашање на новинарот, рече дека една од опциите е да се фрли некаква нуклерана бомба врз Газа, додавајќи дека оние што го веат знамето на Палестина, како групата Хамас, не треба да постојат.

Елијаху подоцна се обиде да ја поправи својата изјава, велејќи дека станувало збор за метафора, но претходно кажаното од негова страна предизвика бес во арапските земји.
Саудиска Арабија, која пред војната во Газа започна преговори за признавање на државата Израел, го критикуваше Нетанјаху затоа што веднаш не го разрешил министерот по контроверзните изјави.
Војната меѓу Израел и Газа почна на 7 октомври, кога милитантите на Хамас убија најмалку 1 400 луѓе, главно цивили, на израелска територија.
Израел уште истиот ден возврати, почнувајќи кампања на разорни бомбардирања на Појасот Газа, во кои според палестинското Министерство за здравство, досега се убиени повеќе од 10 000 лица, од кои повеќе од 4 000 се деца, потсетува АФП.