Африм Гаши, Изет Меџити и Биљал Касами денеска на заедничка прес-конференција ја соопштија новата албанска опозициска коалиција
Коалицискиот опозициски фронт во кој заедно ќе настапат Демократско движење, БЕСА и Алтернатива ќе го носи името „Европски сојуз за промени“.
Оваа денеска на прес-конференција го соопшти претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, придружуван од двајцата претседатели на останатите две партии, Изет Меџити и Биљал Касами.
Тие тврдат дека нивен врвен приоритет ќе биде борбата против корупцијата, како и евроинтеграцискиот пат на држвата.
„Денес овде сме обединети за да ги предизвикаме следните битки, демонстрирајќи го нашето единство да ставиме крај на лошото владеење, кое Албанците овде во Северна Македонија ги донесе до ѕид, создавајќи мозаик на голема болка и максимално избледување на надежите и перспективите. Но, еве сме, тука, со вас и на првите борбени линии, решени да донесеме промени“,
велат тие.

„Европскиот Сојуз за промени“ очекува да се зголеми, а за тоа упатија покана до сите слободоумни луѓе, луѓе со интегритет, невладини организации, но и политичари и партии кои се подготвени да ги споделат идеолошките вредности и програмски приоритети на оваа коалиција.
Упатувајќи критики до владејачката ДУИ, коалициските партнери велат таа партја, повеќе од 20 години потфрлува и ги разочарува очекувањата на чесните граѓани, а партијата се користела за отскочна даска за лични кариери и олигархија.
Неодамна во интервју за „360 степени“ емитувано на МРТ 1, Изет Меџити ја повика и Алијансата за Албанците да се приклучи во опозицискиот блок, но засега нема најави дека политичките математики ќе ја спојат партијата на Села и Таравари со новата опозициска коалиција.