Од утринава затворени за сообраќај се патните правци Куманово-Кратово и Куманово-Крива Паланка, а од попладнево во прекин е и сообраќајот на регионалниот пат меѓу селата Извор и Иванчишта кај Кичево
Поради одрони на патот кај село Ругинце, од 10:20 часот утринава затворени за сообраќај се патните правци Куманово-Кратово и Куманово-Крива Паланка. Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека екипи на Јавното претпријатие „Македонија пат“ се на терен и работат на расчистување на одронот.

„Екипите на ЈП за одржување регионални патишта ‘Македонија пат’ се на терен, механизацијата работи интензивно, но прекинот сè уште трае“,
информира раководителот на секцијата на „Македонија пат“, Крива Паланка, Боби Димитровски.
Додава дека со помош на службеници од Секторот за внатрешни работи сообраќајот се пренасочува кон стариот пат Куманово-Крива Паланка кај село Грушино.

Поради одрони и свлечишта, од 12 часот затворен за сообраќај е и регионалниот пат меѓу селата Извор и Иванчишта кај Кичево.
