Ова значи дека 18 отсто од 55-темина починати или речиси секоја петта жртва во земјава е од Лабуништа, што е исклучително висока стапка на смртност за место со околу девет илјади жители
Со денешната жртва – 70-годишен пациент кој почина во Градската болница „8 Септември“ во Скопје, бројот на починати од ковид-19 во Лабуништа се искачи на 10. Тоа се, практично, сите жртви, со исклучок на две, од подрачјето на Струшко кои во официјалната статистика на Институтот за јавно здравје се водат под графата „Струга“.
*поврзана вест Уште еден пациент од Лабуништа почина од ковид-19
Ова значи дека 18 отсто од 55-темина починати или речиси секоја петта жртва во земјава е од Лабуништа, што е исклучително висока стапка на смртност за место со околу девет илјади жители. Во Лабуништа досега се регистрирани 40 заразени од вкупно 55 од Струшкиот Регион.

Жителите на Лабуништа како да се срамат од тоа што се болни и многу доцна се јавуваат на лекар, поради што и статистиката е ваква, вели директорот на Центарот за јавно здравје – Охрид, Сашо Точков.
„Ги кријат симптомите, седат дома, чекаат и бараат помош дури откако состојбата ќе им се влоши“,
вели Точков во изјава за „360 степени“.
Тој вели дека екипи на Центарот и денеска се на терен, земаат брисеви, разговараат со луѓе и се обидуваат да ја држат состојбата под контрола.

„Во прашање е и менталитетот на мештаните, кои како да не сакаат да ја разберат сериозноста на заразата и по десет починати. Во местото речиси секојдневно е многу раздвижено, а тоа е ризик за ширење на вирусот“,
вели Точков.
Тој апелира до лабуништани да ги почитуваат мерките и препораките, да излегуваат од дома само во крајна нужда и да бараат лекарска помош уште при првите симптоми.
Во Лабуништа беше раздвижено и кога екипа на „360 степени“ пред десетина дена го посети местото. Еден од жителите пред нашата камера изјави: „Што ќе ти е здравје ако немаш што да јадеш и да пиеш.“
*поврзана вест (ВИДЕО) Во струшко Лабуништа раздвижено и по 5 починати и 20-ина заразени од коронавирусот