Општина Струга, вклучително со Лабуништа, котира високо според вкупниот број на заразени и починати од ковид-19 од почетокот на епидемијата
Уште еден пациент од Лабуништа, Општина Струга, почина од коронавирус.
Пациентот на 70-годишна возраст починал во ГОБ „8 Септември“. Како што соопштија здравствените власти, тој бил хоспитализиран на 8 април во тешка состојба и веднаш бил приклучен на респираторна машина.
Овој смртен случај е единствен евидентиран во билтенот на Министерството за здравство за последното деноноќие, кога се регистрирани и седум новозаразени од ковид-19 од 207 направени теста. Тоа значи намалување во однос на досегашниот тренд според кој, како што посочи и министерот за здравство Венко Филипче, од 10 до 20 проценти од тестираните беа позитивни на новиот вирус.
Општина Струга, вклучително со Лабуништа, во однос на бројот на жители, котира високо според вкупниот број на регистрирани заразени од ковид-19 и според бројката на смртни случаи од почетокот на епидемијата.
Министерството за здравство денеска испрати коригегирана статистика за вкупниот број заболени по градови, посочувајќи дека во вчерашниот извештај на Институтот за јавно здравје е двојно евидентиран еден контролен тест на пациент од Кочани. Сега, вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со ковид-19 во нашата земја изнесува 1 231, а последната дистрибуција по градови е:
Скопје – 411
Куманово – 340
Дебар – 51
Штип-34
Прилеп –117
Тетово – 60
Струга – 55
Велес – 59
Битола –17
Охрид –15
Кавадарци – 4
Гостивар –13
Гевгелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка-4
Радовиш – 4
Крушево – 3
Кочани – 28
Пробиштип – 2
Кичево – 2
Неготино -2
Демир Хисар – 1
Македонски Брод -2
Пехчево- 1
Моментно во земјава има 952 активни случаи на коронавирус, од вкупно 1 231 регистрирани од почетокот на епидемијата. На Клиниката за инфективни болести во Скопје се хоспитализирани вкупно 60 пациенти. Од нив 18 се на кислородна поддршка, а четворица се на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 45 пациенти. Со потешка клиничка слика се седум пациенти, а петмина се на респираторна машина.Во Битола се хоспитализирани вкупно 13 пациенти, а на домашно лекување се следат 15 пациенти. Во болницата во Штип, на болничко лекување се четворица пациенти, а на домашно лекување се следат уште 19 пациенти.