Од Царинската управа велат дека непријавените производи се привремено задржани, а против лицата кај кои се пронајдени ќе бидат поднесени соодветни прекршочни постапки

Девизи, детокс-чаеви и нова глава за мотор за товарно возило е заплената која ја направиле мобилните екипи на Царинската управа во текот на изминатите денови на различни гранични премини.
Во првиот случај, како што информираат од Царинската управа, на граничниот премин „Табановце“, кај возачи на камиони откриени се девизи кои сакале да ги изнесат од државата.
Возачите не ги пријавиле девизите кои ги имале скриено на различни места во возилата.
Во првиот случај, се додава во соопштението од Царинска управа, пронајдени се 11 100 евра. Возачот на камионот, 7 000 евра ги скрил во чорапите, а останатите девизи биле во неговиот паричник и во плико во кабината на возилото.
„Во вториот случај се откриени 8 000 евра кои возач на камион ги скрил во кабината на камионот под капакот на автоматскиот менувач“,
додаваат од Царинската управа.





Од Царина информираат дека во двата случаи на возачите, инаку македонски државјани, им се вратени по две илјади евра, сума која можат слободно да ја изнесат од државата, додека останатите девизи се задржани. Против лицата ќе бидат поведени соодветни прекршочни постапки, информираат од Царинска управа.
На граничниот премин „Блаце“, пак, на влез во државата во два посебни случаи двајца косовски државјани се спречени во намерата нелегално да внесат 250 чаеви за детоксикација и нова глава за мотор за товарно возило.
Чаевите, според соопштението од Царина, биле откриени при контрола на комбе со косовски регистарски таблички и тие биле скриени под седиштата на возилото, додека главата за мотор за товарно возило е откриена во патничко возило со косовски регистарски таблички, во багажникот покриена со ќебе и јакна.
Од Царинската управа велат дека и во овие случаи непријавените производи се привремено задржани, а против лицата кај кои се пронајдени ќе бидат поднесени соодветни постапки.