Осомничените, според соопштението од Обвинителството, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани – во вкупен износ од 490 808 618 денари или 7 980 627 евра
Против 26 сопственици и управители на 28 фирми, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе наредба за спроведување истражна постапка, во случајот „Синџир“, во рамките на кој утрово беа извршени претреси на повеќе локации во Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид.

Според Обвинителството, тие се осомничени дека сториле кривично дело злосторничко здружување, даночно затајување и перење пари и други приноси.
Во соопштението од Јавното обвинителство се вели дека при извршените претреси обезбедена е дополнителна документација која ќе биде предмет на обработка и оти досега се приведени 20 осомничени лица од Неготино, Кавадарци, Битола, Охрид и Скопје, додека шест лица се недостапни за органите на прогонот.
Осомничените, според соопштението од Обвинителството, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани – во вкупен износ од 490 808 618 денари или 7 980 627 евра.
Во образложението за случајот, од Обвинителството велат дека од прибраниот доказен материјал постои основано сомневање дека три лица како организатори заедно со уште други три лица, во текот на 2019 година, во Неготино, создале група што имала за цел вршење кривични дела даночно затајување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Припадници на групата, како што се наведува во соопштението, истата 2019 година, станале уште седуммина од осомничените, а наредната 2020 година на оваа група ѝ се приклучиле 11 нови припадници. Во 2021 година членови на групата станале уште тројца сопственици и управители на правни лица.
Тие, како што информираат од Обвинителството, се осомничени дека основале или преземале други фирми, преку кои изготвувале лажни фактури за да избегнат плаќање данок.
„Организаторите на злосторничкото здружение со намера да ја одбегнат законската обврска за целосно или делумно плаќање данок, организирале основање на правни субјекти во нивна сопственост и преземале сопственост и управување на претходно основани правни субјекти. Тие заедно со припадниците на злосторничкото здружение, во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со вкалкулиран ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги или изготвувале и сметководствено евидентирале фактури со примена на механизмот за пренесен ДДВ, по член 32-а од Законот за ДДВ за наводно извршени набавки на стоки и услуги за кои знаеле дека не се извршени“,
се додава во соопштението од Обвинителството.
Врз основа на овие фактури за наводно извршени набавки на стоки и услуги, на банкарските сметки на фирмите во кои осомничените биле или сопственици или управители во најголем број од случаите не биле вршени плаќања, а дел од меѓусебните побарувања и обврски сметководствено ги затворале со компензации. Осомничените преку малверзациите, за кои ги товари Обвинителството, искажувале повисок износ на влезен промет и поголемо даночно побарување, преку кое ја намалиле вредноста на излезниот промет, намалувајќи ја својата даночна обврска.
„Осомничените организатори и припадници на злосторничкото здружение во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување сметководствено искажале повисок износ на влезен промет и поголемо даночно побарување преку кое ја намалиле вредноста на излезниот промет и ја намалиле својата даночна обврска или го зголемиле своето даночно побарување. Потоа организаторите на злосторничкото здружение, со сметководственото евидентирање на фактурите за наводна продажба на стоки и услуги и со нивното искажување во задолжителните даночни пријави за ДДВ на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, преку институтот даночен гарант, сметководственото евидентирање го искористиле за противправно преземање на даночниот долг на дел од правните субјекти сопственост или управувани од страна на осомничените припадници на злосторничкото здружение“,
образложуваат од Обвинителството.
Според Обвинителството, во временскиот период од 22.10.2020 до 31.12.2021 година, во Неготино, Струмица, Скопје, Штип и во Велес, тројцата организатори на злосторничкото здружение и четворица осомничени припадници на групата сакајќи да го прикријат потеклото на парите и нивното движење, пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на парични средства и подигале парични средства во готово во вкупен износ 40 046 815 денари или 651 168 евра, за кои знаеле дека се прибавени со кривично дело даночно затајување.
Од Јавното обвинителство соопштија дека поради опасност од бегство, уништување на траги и влијание врз сведоци, надлежниот обвинител од ОЈО ГОКК до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје предложил на 14 осомничени да им определи мерка притвор, од кои за едно лице куќен притвор.
За преостанатите 12 осомничени лица обвинителот предложил други мерки на претпазливост, односно забрана за напуштање на живеалиштето; обврска да се јавуваат повремено кај надлежен државен орган; привремено одземање на пасошите; забрана за приближување или одржување контакти со определени лица и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Јавниот обвинител, до судијата на претходна постапка, доставил и барања за привремена мерка за забрана за отуѓување и оптоварување на недвижен и движен имот во сопственост на пет физички и седум правни лица.
За делата што им се ставаат на товар на осомничените согласно одредбите во Кривичниот законик се предвидени повеќегодишни затворски казни зависно од кривичното дело за кое се товарат. Така за делото злосторничко здружување од членот 394 со последните измени на КЗ е предвидена затворска казна до три години. За даночно затајување од членот 279, доколку станува збор за поголем износ, затворската казна се движи од една до 10 години, додека за кривичното дело перење пари од членот 273 од КЗ, предвидена е казна затвор од најмалку пет години. Инаку, со последните измени на КЗ не беше интервенирано во членовите 279 и 273.
Од Основниот кривичен суд Скопје денеска информираа дека од ОЈО ГОКК е пристигнат предлог за определување мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство против 26 осомничени, како и 10 барања за определување привремени мерки – замрзнување имот, а поврзани со акцијата на ОЈО ГОКК и на Управата за финансиска полиција со кодно име „Синџир“.
„Со оглед на обемноста на предлозите и големиот број опфатени лица, судот со дополнителни детали, за предложените мерки, ќе извести во текот на утрешниот ден“,
велат од Основниот кривичен суд Скопје.

Акцијата, како што информираа претходно од ОЈО ГОКК, е резултат на повеќемесечна предистражна постапка за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството што обвинителството ја спроведе со Управата за финансиска полиција и истражители од Истражниот центар на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.