Таа не одговори директно на прашањето дали е возможно Северна Македонија да добие безусловни преговори од страна на ЕУ, односно процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, очекување кое го изрази Мицкоски два дена пред нејзината посета на Скопје
Каде и да сум, обично се среќавам со шефот на државата и владата, зависно од уставниот поредок. Ова е случај со моето патување на Западен Балкан, но тоа е случај и со сите мои други посети и патувања кога посетувам земји членки, постои правило дека се среќавам со шефот на државата или шефот на владата, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен одговарајќи на новинарско прашање зошто нема да се сретне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој е клучен играч во процесот на уставни измени.
Таа не одговори директно на прашањето дали е возможно Северна Македонија да добие безусловни преговори од страна на ЕУ, односно процесот на уставни измени да биде решаван во текот на преговорите, очекување кое го изрази Мицкоски два дена пред нејзината посета на Скопје.
„Уставните измени се неопходен чекор на патот на пристапување кон ЕУ и неверојатно е она што С Македонија досега го има постигнато и затоа навистина посакувам С Македонија да продолжи да се движи напред со решителност, со страст, со големи успеси на пристапниот пат“,
изјави Фон дер Лајен.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ викендов, пред посетата на претседателката на ЕК, изрази очекување оти таа ќе излезе со позиција дека Македонија ќе добие безусловен почеток на преговорите со ЕУ.
„И дека без дополнителни условувања со коишто е соочена нашата држава ќе ги отпочнеме преговорите, иако сум свесен за многуте недостатоци коишто ги имаме на домашен план поради неработењето на корумпираната влада на СДСМ и ДУИ. Ценам дека на тој начин ќе се оддаде признание и на државата и на граѓаните. Ќе се оддаде признание и почит кон граѓаните и државата за сите понижувања и омаловажувања коишто се направени од промената на националното знаме, па сè до насилната промена на Уставот и уставното име. Нешто што ниту една држава која пристапуваше кон Европската Унија не го направи. Очекувам пријатно да нè изненади, иако малку ја почитува оваа држава и овој народ, тоа е најмалку што може да го направи“,
рече Мицкоски.