На средбата било разговарано за претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија како земја кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, велат од претседателскиот кабинет
Процесот на пристапните преговори на земјава за членство во Европската Унија и актуелните политички случувања во Северна Македонија вечерва биле главна тема на разговорите меѓу претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која доцна попладне пристигна во Скопје.
„Во таа насока беа разменети информации за натамошните фази во преговорите по завршување на скрининг-процесот и за динамиката на спроведување на реформите“,
стои во соопштението од претседателскиот кабинет.
Оттаму посочија и дека на средбата било разговарано за претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија како земја кандидат, како и за Планот за раст на Западниот Балкан, велат од претседателскиот кабинет.
Според соопштението, претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката и посветеноста од ЕУ на политиката на проширување и интеграција на земјите од Западен Балкан.
„На средбата беа разменети мислења за стратегиската важност од спроведување на измените на Уставот и натамошните импликации врз европската перспектива на земјава“,
се наведува во соопштението на претседателскиот кабинет.
Претседателот Пендаровски на својот фејсбук-профил посочи дека со претседателката на Европската комисија разговарале за натамошните фази во преговорите по завршување на скрининг-процесот и за динамиката на спроведување на реформите.
„Благодарност за поддршката и посветеноста од ЕУ на нашите евроинтеграции“,
напиша Пендаровски.
Според најавата на Делегацијата на ЕУ во земјава, Фон дер Лајен утре ќе се сретне со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, по што се очекува прес-конференција.
По Скопје, Фон дер Лајен ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево.
Посетата, како што е најавено, Фон дер Лајен ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.