Што се однесува до односите во коалицијата, седниците на Влада се организираат согласно Деловник и дневен ред и таму се разговара на професионален начин. Седниците на Влада не наликуваат на дебатни емисии во телевизии, каде што политичарите ги даваат изјавите во служба на своите политички партии, вели Ковачевски

За премиерот Димитар Ковачевски односите во владејачката коалиција и дискусиите кои се водат на владините седници се на професионален начин. Овој коментар на Ковачевски следува откако денеска беше прашан какви се односите во владејачката коалиција, со оглед на вербалните препукувања кои деновиве ги има меѓу Алијанса за Албанците и ДУИ.
„Што се однесува до односите во коалицијата, седниците на Влада се организираат согласно Деловник и дневен ред и таму се разговара на професионален начин. Министрите имаат свои насоки кои ги исполнуваат и врз основа на кои се известува и се дискутира. Така што седниците на Влада не наликуваат на дебатни емисии во телевизии, каде што политичарите ги даваат изјавите во служба на своите политички партии. Меѓутоа, кога се работи во Влада, дискусиите се сосема насочени кон темите кои се обработуваат на седниците на Влада“,
рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на новиот објект за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи.
Прашан за тоа дали ќе успее европскиот фронт на следните избори, исто така, во контекст на овие препукувања, Ковачевски рече дека единствена работа за која знае дека ќе успее во државата е нејзината европска иднина.
„Сè друго се алтернативи, сè друго се сценарија кои немаат никаква реална основа во процесите во државата. Ние 11 години имавме едно алтернативно политичко владеење кое се засноваше на историско, културен, финансиски инженеринг кој заврши така како што заврши. Се надевам дека такво нешто нема да се повтори бидејќи ги видовме ефектите. Ефектите од европските интеграции ги гледаме денес и во низа други проекти. Затоа сметам дека единствената идеја која секогаш ќе биде водилка на нашата држава е идејата за европска Македонија бидејќи секој оној кој е против европската иднина на Македонија тој е и против подобра иднина на Македонија и нејзините граѓани. Затоа верувам дека таа ќе успее“,
рече Ковачевски.
Стабилноста на владејачката коалиција е актуелна деновиве откако министерот од Алијанса за Албанците задолжен за информатичко општество и администрација Азир Алиу во телевизиско гостување рече дека ДУИ треба да се „апдејтира“ и да оди во опозиција.
На овој коментар на Алиу вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека владината коалиција добро функционира и нема никакви разлики во дејствувањето. Османи рече дека во Владата нема никакви разлики, најсоодветно се комуницирало и оти има соработка меѓу сите министри дали се од Алијанса, од ДУИ, од СДСМ. Османи додаде дека тој нема забележано апсолутно никаква разлика во ставови или забелешки по однос на работењето на било кој од коалициските партнери.
