Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023 е спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се заснова на податоци од пописот во 2021 година
Мнозинството граѓани во Северна Македонија сметаат дека членството во Европската Унија е добра работа и дека Унијата е најдобра алтернатива за државата, дека односот на ЕУ кон Северна Македонија е нефер, надмен и уценувачки, но и дека државата никогаш нема да стане членка на ЕУ. Како причина за одбивањето на членството во ЕУ, граѓаните го наведуваат губењето на националниот идентитет, а како најголема закана ја гледаат Бугарија.
Влезот во ЕУ е добра работа
На денешната презентација на резултатите од спроведената анкета ЕВРОМЕТАР 2023 извршниот директор на „Евротинк – центар за европски стратегии“, Димитар Николовски, посочи дека и покрај зголемениот скептицизам во врска со влезот на земјава во ЕУ, 45,2 проценти од испитаниците целосно се согласуваат дека влезот во ЕУ би бил добра работа за земјава, додека 27,3 проценти не мислат така. Споредено со лани, кога 49 отсто од испитаниците сметале дека влезот во ЕУ би бил добра работа, годинава така се изјасниле 52,6 проценти од граѓаните, од кои 90,2 се Албанци, а 39,5 отсто Македонци.
На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија”, 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022). За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјава, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјата треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ (33 отсто во 2022).
Вкупно 30,2 проценти од испитаниците сметаат дека земјава никогаш нема да влезе во ЕУ, наспроти 12 проценти кои сметаат дека тоа ќе се случи за 5-9 години и 17,9 отсто кои очекуваат тоа да се случи за 10-14 години.
Меѓу главните причини за поддршка на влез во ЕУ, граѓаните ги издвоиле подобриот животен стандард (47,7 отсто), намалувањето на невработеноста (34,3 отсто) и поголема демократија (31,1 отсто).
На прашањето „кои се главните причини поради кои граѓаните одбиваат влез во ЕУ“, 56,1 отсто се изјасниле дека тоа е губењето на националниот идентитет, 26,8 отсто рекле дека членството во ЕУ нема да подобри ништо, 28,5 отсто рекле дека тоа ќе предизвика зголемено отселување на младите, а 23,2 отсто рекле дека тоа ќе го влоши животниот стандард, односно ќе се покачат цените.
Каква е состојбата со демократијата во земјава
Мнозинството граѓани – 56 проценти, сметаат дека во земјава нема демократија, што е подобрување за 5 проценти во однос на минатата година, кога 61 процент од граѓаните одговориле негативно на прашањето „дали Северна Македонија е демократска земја”, покажуваат резултатите од спроведената анкета ЕВРОМЕТАР 2023.
Над половина од граѓаните – 54,4 проценти сметаат дека генерално, работите во државата се движат во целосно погрешна насока, наспроти 12,6 кои рекле дека се движи во многу добра насока. Ова е намалување на општото незадоволство на граѓаните во однос на 2022, кога 72 отсто рекле дека земјата се движи во погрешна насока.
Споредбено со лани, забележано е подобрување во бројот на граѓани кои сметаат дека државата се движи во добра насока -15,6 отсто наспроти 9 отсто во 2022 година. Сепак, останува генералниот тренд на намалување, од 36,1 проценти во 2014 година кои сметале дека државата се движи во добра насока.
Бугарија – најголема закана
На прашањето „дали верувате дека постои држава или меѓународна организација која претставува закана за земјава”, 48 проценти одговориле со „да“, наспроти 46 отсто со „не“.
Најголем процент од испитаниците кои гледаат закана сметаат дека во овој момент тоа е Бугарија – 79 проценти (од нив 89 отсто се поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и 80 отсто на СДСМ), по што следи Русија со 6,3 проценти, Албанија со 2,7 отсто и Србија со 2,4 проценти.
На прашањето „која држава или меѓународна организација е најголем пријател на земјава”, како што посочи Николовски, традиционално, најголем дел, 39,6 отсто рекле Србија, по што следат САД со 13,7 проценти, Турција со 10 проценти и ЕУ со 8,4 отсто од испитаниците.
Социјалните мрежи се главен извор на информации
Како што посочи програмската координаторка на проектот Виолета Глигороска, граѓаните за политички теми најмногу се информираат преку Интернет – 56,5 отсто, преку телевизија – 43,5 отсто, преку радио – 1,8 отсто и 12,5 отсто се изјасниле дека се информираат од пријатели и членови на фамилијата.
Од оние што се информираат преку интернет, 90,3 отсто одговориле дека најмногу информации добиваат од социјалните мрежи Фејсбук, Инстаграм, Твитер, Јутјуб и поткаст, 28,2 отсто од онлајн порталите и 13,8 отсто од онлајн платформите на постојните радиостаници и ТВ-канали.
На прашањето „дали редовно ги следите темите за надворешната политика т.е. евроинтеграциските процеси на земјата“, 33,7 проценти одговориле дека ретко ги следат, 26,1 отсто често ги следат и 21,4 отсто редовно ги следат.
Анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, е спроведена во текот на септември 2023 година на репрезентативен примерок од 1003 испитаници, од страна на агенцијата БРИМА на повеќестепен стратификуван случаен примерок на популација 18+ години, дизајниран според податоците објавени од Државниот завод за статистика и се базира на податоци од Пописот 2021.
Испитувањето на јавното мислење е спроведено во рамки на проектот „Медиумите за ЕУ“ – Програма на граѓанското општество за учество на медиумите во преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ со финансиска поддршка од Европската Унија.