На претходната седница на Комисијата беа сослушани поранешниот и актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, односно Фатмир Меџити

Анкетната комисија за случајот на Клиниката за онкологија денеска продолжи со работа со сослушување на поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска.
„Покрај буџетот, има и условен буџет. Ова што го прашувате е за условниот буџет. Со него клиниката може да набавува лекови кои не се на позитивната листа под услов да добие согласност од Министерството за здравство, после што дописот доаѓа до Фондот. Фондот гледа дали има буџет за тие лекови и потреба од нив. Фондот на управен одбор носи одлука за согласност“,
рече поранешниот директорот на Фондот за здравствено осигурување Орхан Рамадани кој на функцијата бил од 2015 до 2020 година на денешната седница на Анкетната комисија за скандалот со Онкологија.
Рамадани одговори на прашањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кои се обврските на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) поврзани со членот 9 од Законот за здравствено осигурување којшто пропишува дека Клиниката има обврска да побара од ФЗОМ согласност за набавка на биолошка терапија (односно за условниот буџет).
Милошоски нагласи дека ова само потврдува дека ексдиректорот на Онкологија, доктор Нино Васев, бил над законот, над согласностите и над ограничувањата што Фондот му ги давал за лекови.
„Директорот не бил сам, имал и политички покровител штом вака лесно и долги години ги пречекорувал набавките за лекови во големи суми, што резултираше во морбиден скандал и профит“,
рече Милошоски.
Пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ, праша дали додека Рамадани бил директор на ФЗОМ, добил пријава за незаконско работење и злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија и дали Фондот вршел редовна контрола во Клиниката.
„Во 2017 година е направена контрола на условниот буџет во два наврати. Констатирано е дека не е доставена документација за аплицирана терапија бидејќи истата не била набавена. Во 2019 г. сме имале претставка за рефундација за лек кој не бил на позитивната листа. Во 2019 г. во редовна контрола констатирана е една погрешно кодирана процедура“,
одговори Рамадани.
Седницата на Анкетната комисија за Онкологија продолжи со прашања на пратеници до поранешниот директор на ФЗОМ, Миле Сугарев, кој оваа функција ја извршувал само шест месеци.
Пратеникот Љупчо Пренџов од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со неколку прашања поврзани со работата на ФЗО, а во контекст на случајот Онкологија. Прашањата ги постави до Миле Сугарев, раководител на секторот за финансиски прашања и в.д. директор на ФЗО, шест месеци пред Магдалена Грашкоска.
Едно од прашањата на кое побара прецизен одговор беше: „Кога дојдовте 2020 година за в.д. директор на ФЗО дали правевте примопредавање со Ден Дончев и дали разговаравте со него за Клиниката за онкологија“.
„Според кои акти и на кој начин ги распоредувавте средствата за Онкологија посебно условните буџети, кои се производители и кои се дистрибутери на скапите биолошки лекови за кои одобрувавте средства, дали сте свесен како човек и директор за нефункционирање на здравствениот систем воопшто со акцент на Клиниката за онкологија“,
Пренџов го праша Сугарев од ФЗО.
Александар Велјаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната седница на Анкетната комисија за Онкологија постави неколку прашања во врска со случајот, а кои се однесуваат на делот на Фондот за здравствено осигурување.
Прашањата беа упатени до Миле Сугарев, раководител на сектор за финансиски прашања и в.д. директор на ФЗО шест месеци пред Магдалена Грашкоска.
Според него, треба да се даде одговор на тоа дали ФЗО имал информации дека се фаворизирала една веледрогерија, која, според повеќе наводи, има монополска позиција.
Велјаноски упати уште едно конкретно прашање до Сугарев, кој шест месеци беше в.д. директор на ФЗО во периодот пред да се назначи Магдалена Грашкоска.
„Дали вие како директор на ФЗО сте потпишале дополнителни средства за Клиниката за онкологија, без притоа да се почитува процедура за набавка на лекови внатре во Клиниката и во Министерството за здравство“,
праша Велјаноски.
На претходната седница на Комисијата беа сослушани поранешниот и актуелниот министер за здравство, Венко Филипче, односно Фатмир Меџити.
Претходно на сослушување пред Анкетната комисија беа и претходниот министер за здравство Беким Сали, како и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Анкетната комисија за случајот со Клиниката за радиотерапија и онкологија беше формирана на 29 септември откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка за овој случај по медиумските објави за наводни злоупотреби на работната позиција и нерегуларности поврзани со третманот на пациентите од оваа клиника.
