Говорејќи пред новинарите, претседателката на ЕК истакна дека ова е многу посебен самит. Таа изјави дека една од главните теми на Самитот ќе биде економијата на Западен Балкан и посочи на нејзиниот план за раст претставен претходно годинава кој, меѓу другото, предвидува да им се даде пристап на земјите од регионот на заедничкиот европски пазар
За оние што сакаат да одат напред вратите на Европската Унија се отворени, изјави денеска претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, пред почетокот на Самитот на Берлинскиот процес во Тирана, Албанија.

Таа изјави дека една од главните теми на Самитот ќе биде економијата на Западен Балкан и посочи на нејзиниот план за раст претставен претходно годинава кој, меѓу другото, предвидува да им се даде пристап на земјите од регионот на заедничкиот европски пазар.
Но, за тоа, како што рече Фон дер Лајен, потребни се реформи во земјите од Западен Балкан.
Говорејќи пред новинарите, претседателката на ЕК истакна дека ова е многу посебен самит.
„Станува збор за 10. Самит на Берлинскиот процес, но првпат на Западен Балкан. Една од главните теми ќе биде економијата на Западен Балкан. Затоа го претставив мојот план за раст. Сакаме да им дадеме пристап на единствениот европски пазар, пристап на компаниите од Западен Балкан на заедничкиот европски пазар, но за тоа се потребни реформи во земјите од Западен Балкан. Тоа е охрабрување за оние кои навистина сакаат да одат напред, сакаат да ја унапредат економијата. Нашите врати се отворени и ајде да работиме денеска на овој план за раст“,
изјави претседателката на Европската комисија.
This 10th Berlin Process Summit is the first one to take place in the Western Balkans.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 16, 2023
⁰So it is a powerful symbol of the deeper bonds between our regions.
And an occasion to promote, once again, stronger regional cooperation among our partners ↓ pic.twitter.com/TZJ8fDPnw1
Инаку, планот за раст кој Фон дер Лајен го претстави на Глобалниот безбедносен форум „Глобсек 2023“ кој на крајот на мај се одржа во Братислава се базира на четири столба, се наведува во анализа на „Республика“ објавена неколку дена по Форумот. Станува збор за:
- Приближување до единствениот пазар на ЕУ;
- Продлабочување на регионалната економска интеграција;
- Независно судство и борба против корупцијата;
- Капитал за реформи и инвестиции.
Премиерот на С Македонија, Димитар Ковачевски, кој е во Тирана, пред почетокот на Самитот рече дека очекува конструктивна дискусија на темите кои ќе бидат во фокусот.
„Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија, прво во однос на зголемување на регионалната соработка, во однос на зголемувањето на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор“,
изјави денеска Ковачевски пред почетокот на Самитот.
Премиерот соопшти дека на Самитот дополнително ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, акушерките и на медицинските сестри меѓу земјите од Западен Балкан.
Станува збор, рече Ковачевски, за дополнување на договорите потпишани на претходниот Самит на процесот кој пред една година се одржа во Берлин, каде беше договорено признавање на дипломите на лекарите, стоматолозите и архитектите, како и слобода на движење со лични карти.
Берлинскиот процес е проект за економско поврзување на земјите од Западен Балкан – С Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина – кој во 2014 година го иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.
Тој има за цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан во насока на достигнување на економски раст и развој, отворена пазарна економија и забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.