„Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија, прво во однос на зголемување на регионалната соработка, во однос на зголемувањето на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување енергетска независност и обезбедување на дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор“, изјави Ковачевски пред почетокот на Самитот
Зголемување на регионалната соработка, инвестициите, обезбедување дополнителни средства за енергетска независност и зелената агенда во овој сектор се темите за кои македонскиот премиер Димитар Ковачевски очекува конструктивна дискусија на Самитот на Берлинскиот процес кој денеска се одржува во Тирана, Албанија.
„Очекувањата се дека ќе имаме конструктивна дискусија, прво во однос на зголемување на регионалната соработка, во однос на зголемувањето на инвестициите за поврзување на регионот, односно на сите земји во регионот и посебно разговори во однос на обезбедување на енергетска независност и обезбедување дополнителни финансиски средства за енергетско осамостојување на регионот и зелена транзиција на енергетскиот сектор“,
изјави Ковачевски пред почетокот на Самитот.
Премиерот соопшти дека на Самитот дополнително ќе биде потпишан и договор за меѓусебно признавање на дипломите на фармацевтите, акушерките и на медицинските сестри меѓу земјите од Западен Балкан.
„…што доаѓа како дополнување на она што го потпишавме на минатиот Самит, а тоа беше признавање на дипломите на лекарите и на другите дејности кои што се регулирано согласно европските директиви“,
рече Ковачевски.
Во рамките на Самитот, на кој покрај лидерите на шесте земји од Западен Балкан се присутни и лидерите на дел од европските институции и на земји членки на Унијата, Ковачевски во текот на денот ќе има средба со германскиот канцелар Олаф Шолц. Претходно утрово, како што потсети македонскиот премиер се сретна со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји.
На средбата со Вархеји, како што истакна Ковачевски, разговарале за процесот на проширување, скрининг процесот кој е во финална фаза и подготовка на финалните извештаи.
„Исто така разговараме и за поврзувањето меѓу земјите од Западен Балкан, пред сè тука мислам на дигиталното поврзување кое е една од основните за воспоставување на заеднички регионален пазар којшто ќе биде компатибилен со заедничкиот европски пазар, за воспоставување на инфраструктура и механизми“,
изјави премиерот.
Проектите финансирани од Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) биле тема на разговор на Ковачевски на средбата со претседателката на Европската банка, Рене Басо.
„Со претседателката на Европската банка, г-ѓа Рене Басо, разговаравме конкретно за проектите што се финансирани од ЕБРД во однос на поврзувањето на коридорот 8 со Албанија, како и за проектите коишто се однесуваат на финансирање на енергетските проекти во државата и на интерконекцијата со Грција во однос на гасното поврзување на Северна Македонија“,
рече Ковачевски.
Утре македонскиот премиер најави средба со потпретседателката на Светската банка, на која ќе биде разговарано за долгорочниот план кој земјава го има со Светската банка.
Ковачевски на почетокот од изјавата за медиумите потсети дека станува збор за втор Самит на Берлинскиот процес во нашиот регион.
„Првиот беше во 2020 кога организатори беа Северна Македонија и Бугарија, меѓутоа заради ковид-пандемијата беше организиран онлајн, ова е втор каде што со физичко присуство заедно ќе бидат лидерите на земјите од Западен Балкан, заедно со претседателите на Европската комисија, на Европскиот совет и други лидери на земји членки на Европската Унија“,
изјави Ковачевски.
Претходниот Самит на Берлинскиот процес се одржа лани на почетокот на ноември во главниот град на Германија.
Берлинскиот процес е проект за економско поврзување на земјите од Западен Балкан – С Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина – кој во 2014 година го иницираше тогашната германска канцеларка Ангела Меркел.
Тој има за цел изградба на рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан во насока на достигнување на економски раст и развој, отворена пазарна економија и забрзување на реформскиот напредок во интерес на поскора интеграција кон ЕУ.