Брачниот пар македонски државјани, како што информираа денеска од МНР, сè уште се наоѓа во Газа и е сместен на безбедно во болница на Црвената полумесечина во градот Кан Јунес, во близина на границата со Египет. Со посредство на македонските Димпломатско-конзуларни претставништва (ДКП), тие се ставени на официјалната листа за евакуација и се чека да се создадат услови таа да биде реализирана. Тоа, велат од Министерството, во најголема мера зависи од состојбите на терен, кои во моментот не можат да се предвидат
Министерството за надворешни работи денеска преку писмено соопштение информира дека продолжуваат со напорите за извлекување на брачниот пар македонски државјани кој е заглавен во Газа, откако не успеа да ја премине границата со Египет.

Од Министерството велат дека двете амбасади на Република Северна Македонија во Каиро и во Тел Авив се во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и на Израел со цел евакуација на брачниот пар.
Тие, како што информираат од МНР, се наоѓаат во Газа, поточно во градот Кан Јунес, на 12 километри од граничниот премин „Рафах“ на границата со Египет.
„Парот е сместен во болница на Црвената полумесечина и во моментот е на безбедно“,
се наведува во соопштението на МНР.
Со посредство на македонските Димпломатско-конзуларни претставништва (ДКП), тие се ставени на официјалната листа за евакуација и се чека да се создадат услови таа да биде реализирана.
Тоа, велат од Министерството, во најголема мера зависи од состојбите на терен, кои во моментот не можат да се предвидат.
„Остануваме во секојдневна комуникација со нив, сѐ до нивно евакуирање на безбедно“,
додаваат од Министерството за внатрешни работи.
Во меѓувреме, како што наведуваат, се работи на идентификување и прибирање податоци за евентуално други македонски државјани кои е можно да се затекнати во Газа.
Затоа уште еднаш потсетуваме на нашите контакти: СОС-телефони на МНР: 075/273-732 и 075/268-73, дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив: +972-54-926-7378 и дежурниот телефон на Амбасадата во Каиро: +201033615542“, велат од МНР.
За ситуацијата со брачниот пар заглавен во Газа првично во четвртокот информира министерот за надворешени работи Бујар Османи на брифинг со новинарите.
„Имаме еден брачен пар којшто е внатре во Газа во загрозените подрачја, а знаете дека Газа е изолирана од Израел. Единствениот излез беше преку Египет, преку тој граничен премин, меѓутоа брачниот пар во моментот кога стигнал на граничниот премин, тој се затворил и не можат да излезат ниту кон Египет ниту кон Израел. Од нашата амбасада во Каиро се во комуникација со тој брачен пар, во постојана комуникација и тие се безбедни во моментот, меѓутоа знаете дека таму ситуацијата е многу променлива и можеме да сметаме дека тие се во некаков ризик. Работиме и со властите во Египет за да ги ослободат да излезат во Египет, а потоа ќе организираме превоз, меѓутоа засега немаме начин како да ги извлечеме од Газа, тој брачен пар“,
рече Османи на брифингот.
Инаку, завчера во Скопје со чартер-лет пристигнаа преостанати 67 наши државјани кои побараа помош да го напуштат Израел, а со истиот лет бил обезбеден трансфер на седум албански, седум црногорски и тројца бугарски државјани. Солзи, прегратки и емотивни сцени доминираа на скопскиот аеродром по пристигнување на евакуираните граѓани.
Од Владата вчера посочија дека внимателно ги следат случувањата во Израел преку Министерството за надворешни работи, кое е во редовен контакт со македонската амбасада во Тел Авив.