„Колективното казнување на цивилното население во Газа е воено злосторство – тоа е сурово и нехумано. Како окупаторска сила, Израел има јасна обврска според меѓународното право да обезбеди задоволување на основните потреби на цивилното население во Газа“, рече генералниот секретар на „Амнести интернешенл“, Агнес Каламар

Затворањето на единствената електрана во Газа ќе ја влоши и онака очајната хуманитарна криза за повеќе од 2,2 милиони луѓе заробени во Појасот Газа, во услови на масовно бомбардирање од страна на Израел во кое загинаа најмалку 1 350 луѓе, а беа повредени повеќе од 6 000 луѓе, посочува групата за заштита на човекови права, „Амнести интернешнл“.
„Колективното казнување на цивилното население во Газа е воено злосторство – тоа е сурово и нехумано. Како окупаторска сила, Израел има јасна обврска според меѓународното право да обезбеди задоволување на основните потреби на цивилното население во Газа“,
рече генералниот секретар на „Амнести интернешенл“, Агнес Каламар.
Според него, прекините на струја ќе имаат сериозно влијание врз основните услуги, пристапот до чиста вода и ќе предизвикаат катастрофа во јавното здравје оставајќи ги веќе исцрпените болници во Газа без витална медицинска опрема во време кога медицинските лица се борат да лекуваат илјадници тешко повредени во израелските напади. Исто така, посочува и дека ќе ги загрози животите на болничките пациенти, вклучително и лицата со хронични состојби или оние на интензивна нега, вклучително и новородените бебиња на апарати за одржување во живот.
„Амнести“ повторува дека палестинските цивили не се одговорни за злосторствата на Хамас и другите палестински вооружени групи и Израел не смее, според меѓународното право, да ги натера да страдаат за дела во кои немаат улога и не можат да ги контролираат.
„Ужасното масовно убивање на израелски цивили од страна на палестинските вооружени групи и другите сериозни прекршувања не го ослободуваат Израел од исполнување на своите обврски да го почитува меѓународното хуманитарно право и да ги штити цивилите. Колективното казнување на цивилите во Газа нема да донесе правда за жртвите на воените злосторства од страна на Хамас и други вооружени групи или безбедност на цивилите во Израел“,
рече Агнес Каламар.
Организацијата „Амнести интернешенл е загрижена и од повторените напади на граничниот премин Рафах. Го повикува Израел да го олесни воспоставувањето хуманитарни коридори за испорака на хуманитарна помош во Газа и да овозможи безбедно поминување на оние на кои им е потребна медицинска нега надвор од Појасот Газа. Ја повикува меѓународната заедница да работи на договор за хуманитарните коридори.
Израелските власти мора да се воздржат од извршување незаконски напади кои убиваат или повредуваат цивили и уништуваат цивилни домови и инфраструктура. Израелските власти мора да се воздржат од поттикнување насилство врз Палестинците на окупираниот Западен Брег, вклучително и Источен Ерусалим и да ја осигураат безбедноста на сите цивили кои живеат под негова контрола. Сите палестински вооружени групи во Газа мора безусловно и веднаш да ги ослободат сите цивилни заложници.
„Амнести интернешнл“ ги повикува Израел и палестинските вооружени групи да ги преземат сите можни мерки на претпазливост за да ги поштедат цивилите, во согласност со нивните обврски според меѓународното хуманитарно право.