Оттаму ја повикаа Владата „со брзината и посветеноста со која распишува огласи за коцкарски бизниси и договара тендери во четири очи, да организира авионски превоз на нашите сограѓани кои војната ги затекна во Израел“
Македонците во Израел се оставени сами на себе, додека останатите земји од Европа и светот веќе ги извлекоа своите државјани, македонските граѓани молат за спас, а власта не реагира, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Македонците во Израел оставени сами на себе, Владата полесно договара коцкарски бизниси, отколку авион за нашите сограѓани. Додека останатите земји од Европа и светот веќе ги извлекоа своите државјани од Израел, македонските граѓани молат за спас, а власта не реагира. Црна Гора, Србија, Албанија веќе пратија чартер-летови. Наместо конкретна акција, власта излегува со штури соопштенија нашите граѓани во Израел да ги следат насоките на тамошните власти, како некој да би постапил спротивно“,
се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.
Оттаму ја повикаа Владата „со брзината и посветеноста со која распишува огласи за коцкарски бизниси и договара тендери во четири очи, да организира авионски превоз на нашите сограѓани кои војната ги затекна во Израел“.
„Наместо нашите сограѓани да се снаоѓаат сами и да се превезуваат со транспорт на други држави, власта да овозможи организиран и безбеден транспорт“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Владата вчера преку соопштение информираа дека заедно со МНР преземаат мерки со цел да се организира безбедно враќање на македонските државјани дома. Во моментов, посочија од Владата, се разгледуваат сите расположливи можности за најбрзо враќање на нашите државјани во земјава, кои изразиле желба да се вратат и кои немаат други можности тоа да го остварат.
„Имајќи предвид дека во Израел престојуваат поголем број државјани на Република Северна Македонија, Министерството за надворешни работи веќе презема мерки, преку формираниот Кризен штаб, за евакуација на сите државјани на Република Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, а немаат/не можат да купат карти за комерцијалните авионски летови, или да ја напуштат територијата на Израел по копнен пат, преку Јордан. Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија. Според проценки на кризниот штаб, на територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, од кои преку половината се прецизно мапирани и редовно се одржува контакт со нив“,
беше наведено во соопштението на владината прес-служба.
Од МНР, пак, вчера информираа дека уште деветмина македонски државјани го напуштиле Израел преку различни транспортни рути, четворица со лет до Атина, тројца за Јордан и двајца за Белград.
„Заедно со оние кои претходно тоа го сторија, вкупната бројка за изминативе три дена се искачи на 40 наши државјани што го напуштија Израел“,
информираа од МНР.