Институтот за радиологија започна со организирано повикување и закажување нови термини за сите пациенти чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба
Бидејќи томографот во хируршкиот комплекс сè уште се сервисира, итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и хируршката клиника „ Свети Наум Охридски“ во Скопје
Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија-Скопје од денеска е ставен во функција и е достапен за извршување дијагностички прегледи. Томографот, пак, кој е лоциран во хируршкиот комплекс и е наменет првенствено за итните пациенти, сè уште се сервисира и се очекува во најскоро време да проработи.
Ова денеска го соопштија од Министерството за здравство апелирајќи да не се изнесуваат непроверени информации во јавноста со цел нарушување на довербата на граѓаните во здравствениот систем.

Од Министерството на здравство (МЗ) велат дека со цел навремено обезбедување здравствени услуги, Институтот за радиологија започна со организирано повикување и закажување нови термини за сите пациенти, чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба.
„Затоа е организирана работа во две смени, како и дополнителна работа во текот на претстојниот викенд, со цел да се реализираат прегледите во најкраток рок“,
се вели во соопштението од Здравство.
Бидејќи томографот во хируршкиот комплекс сè уште се сервисира, итните пациенти се згрижуваат во ГОБ „8 Септември“ и хируршката клиника „ Свети Наум Охридски“ во Скопје.
Од опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) вчера обвинија за сериозни проблеми во здравствениот систем во земјава, посочувајќи на неисправна медицинска опрема, недостиг на лекови и долги чекања за прегледи и дијагностика.
Оттаму алармираа дека три недели не работи ниту еден компјутерски томограф во Клиничкиот центар, како и дека повторно е расипан ПЕТ-скенот, неопходен за онколошките пациенти.
Покрај тоа, посочија и дека дел од клиниките функционираат со ограничен број операциони сали, неисправна медицинска опрема и недостиг на медицински персонал.
