„Јас поддржувам секогаш и сум отворен за соработка за сите кои ги споделуваат истите вредности како што ги споделува и СДСМ, така што апсолутно, знаете, во политиката никогаш нема точка, секогаш има запирка и секогаш заради доброто и интересот на идејата може да се разговара со секого ако се најде заеднички јазик“ – вели министерот за внатрешни работи, кој е од Куманово како и Димитриевски
Јас поддржувам и секогаш сум отворен за соработка со сите што ги споделуваат истите вредности како што ги споделува и СДСМ, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашањето дали би поддржал подавање рака кон поранешниот сопартиец Максим Димитриевски, кој во меѓувреме е во процес на формирање посебен политички ентитет.

Министерот Спасовски рече и дека во политиката никогаш не постои точка, туку единствено запирка и дека не ја исклучува можноста за соработка со сите оние кои ги споделуваат истите вредности како и СДСМ, вклучително и неговиот поранешен сопартиец и актуелен градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.
„Јас поддржувам секогаш и сум отворен за соработка за сите кои ги споделуваат истите вредности како што ги споделува и СДСМ, така што апсолутно, знаете, во политиката никогаш нема точка, секогаш има запирка и секогаш заради доброто и интересот на идејата може да се разговара со секого ако се најде заеднички јазик“,
кажа Спасовски.
Прашан за тоа дали чувствува одредена одговорност поради инсистирањето на претходните локални избори Димитриевски да не биде кандидат на СДСМ што се испостави како погрешна проценка бидејќи тој го победи кандидатот на СДСМ, Спасовски одговори дека тој инсистирал Максим Димитриевски да не биде кандидат во 2017 година, а не во 2021 година, кога одлуката да не го поддржат ја донеле партиските органи, а не лично тој.
„Информациите кои ви ги пласирале не се точни, меѓутоа како и да е, во однос на целото ова прашање, останувањето во Влада и така натаму, ви реков дека тоа не е моја одлука, тоа се одлуки на мандатарите кои биле тогаш, инаку апсолутно не е важно дали јас ќе бидам дел од одредена позиција во Влада или дел од партиското раководство. Јас сега не сум дел од партиското раководство“,
вели Спасовски.
Поширокиот контекст во кој Спасовски го дава претходниот одговор опфаќа и прашање за тоа дали е логично во Владата, но и на раководни места во партијата, повеќе да ги нема Зоран Заев, Радмила Шекеринска, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Рената Дескоска и други, со што, на некој начин, понесоа политичка одговорност за изневерените очекувања и неисполнетите ветувања пред граѓаните, а во Владата да остане Спасовски. Тој коментираше дека се согласува дека овие луѓе треба да се наоѓаат на одредени позиции, а во однос на тоа зошто единствено тој остана дел од Владата, рече дека тоа е прашање за мандатарите зошто го номинирале во три наврати.