Вие може да ме прашате било што, а како јас ќе одговорам е мое право и тоа право не ви го препуштам вам како новинар – вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на новинарско прашање „дали може да кажете – демантирам, одрекувам, ставам точка – немам амбиција ниту за кандидат за шеф на државата ниту за лидер на СДСМ“
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека неколкупати дал конкретни одговори на прашањето – дали има амбиција да биде кандидат за претседател на државата или лидер на СДСМ и дека единствено што му е важно во моментот е да ги реализира започнатите и идните проекти и реформи во министерството со кое раководи.

Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, прашан – „дали може да кажете – демантирам, одрекувам, ставам точка – немам амбиција ниту за кандидат за шеф на државата ниту за лидер на СДСМ“, Спасовски одговори:
„Видете, вие може да ме прашате било што, а како јас ќе одговорам е мое право и тоа право не ви го препуштам вам како новинар, мислам дека ви дадов многу јасни одговори“.
На новинарската забелешка дека одговорот на Спасовски не значи демант, министерот кажа дека тоа се констатации на новинарот и дека не сака таа дебата да се води во јавноста и во медиумите, туку во партијата, кога ќе дојде моментот за тоа.
Прашан за впечатокот во јавноста дека во последниот период е во кампања за лична промоција, со оглед на присуството на серија настани кои немаат врска со ресорот внатрешни работи, Спасовски вели дека тој лично се залага да биде во постојан контакт со граѓаните и дека тоа најдобро се прави преку непосредни контакти.
„Погледнете ги моите активности од 2013 година на сите социјални мрежи – јас благодарам што ме следите и ги промовирате тие активности – и ќе видите дека нема никаква разлика. И тогаш биле настани на кои сум бил, кои сум ги посетувал бидејќи сметам дека отвореноста во работењето и на институцијата и моја лична со луѓето е многу важна – да ја јакне довербата на институцијата, а тоа најдобро може да се прави преку непосредни контакти. Така што, сето ова што го гледате, тоа може да го видите и пред две или три години и воопшто не станува збор за нешто повеќе од тоа што сме го правеле и претходно“,
вели Спасовски.
