Помина една тешка непроспиена ноќ за сите во Амбасадата во Тел Авив, кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, за мене. Мојот кабинет контактира со земјите соседи и со другите партнерски земји кои имаат авиокомпании кои можат да слетуваат на аеродромите или во Израел или во околните држави, вели премиерот
Дел од нашите граѓани кои беа во Израел се веќе вратени дома. Контактите со другите наши граѓани кои се таму продолжуваат, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски во изјава за медиумите.
„Помина една тешка непроспиена ноќ за сите во Амбасадата во Тел Авив, кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, за мене. Мојот кабинет контактира со земјите соседи и со другите партнерски земји кои имаат авиокомпании кои можат да слетуваат на аеродромите или во Израел или во околните држави“,
рече Ковачевски.
Тој нагласи дека дел од граѓаните кои биле во Израел се транспортирани со авион преку Тел Авив во Албанија, а друг дел успеале да излезат од Витлеем кон Јордан.
„Имаме дел од граѓаните кои се лоцирани, тие се 50-ина, но и некои со кои не е стапено во контакт и на тоа се работи во моментов. Се работи на нивно излегување од Израел и безбедно враќање дома. Досега имаме воспоставено контакт со 50 наши граѓани, но бројката се зголемува бидејќи таму има и студенти, како и градежни работници кои работат“,
додаде Ковачевски.
Премиерот додаде дека во Амбасадата во Тел Авив деноноќно се работи на воспоставување контакт со граѓаните и вели дека ќе биде направено сè што е потребно за секој граѓанин да биде на безбедно и да може да се врати.
Вчера и од Министерството за надворешни работи потврдија дека девет туристи од Македонија се евакуирани од Израел во комуникација со албанските власти. Претходно, рекоа дека седум наши државјани, туристи кои биле затечени во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, каде што биле прифатени од почесната конзулка и сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Вчера утрото, четиричлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде што исто така ќе го продолжи патувањето кон дома.