Од МНР велат дека со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата во Тел Авив, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација
Сѐ повеќе македонски граѓани се пријавуваат дека се затечени во и околу загрозените подрачја во Израел и на Западниот Брег, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).
Оттаму додаваат дека со сите пријавени наши државјани се одржува постојан контакт од страна на Амбасадата во Тел Авив, при што се преземаат подготвителни мерки за евентуална асистенција за нивната безбедна евакуација.
Во Министерството, како што информираат оттаму, по итна постапка е оформен кризен штаб чија задача е да ги следи, координира и систематизира сите постапки поврзани со нашите државјани кои се наоѓаат во и околу загрозените подрачја, и на кои ќе им биде потребна помош или асистенција за нивно безбедно евакуирање.
Од МНР велат дека покрај активностите на Амбасадата во Израел, утрово е испратена итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија во околните земји. Во инструкциите, како што се наведува во соопштението од МНР, се бара нивна посебна подготовка за евентуални активности и нивна 24-часовна достапност како за централата во Скопје, така и за евентуалната комуникација со граѓаните.
„Дипломатската мрежа е во контакт и со колегите од дипломатските претставништва на пријателските земји, кои исто така се во подготовка за организирана асистенција на затекнатите граѓани во и околу загрозените подрачја“,
велат од МНР.
Исто така, од МНР уште еднаш ги повикуваат нашите граѓани кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел, како и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје. Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на веб-страницата: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx
За повеќе информации, на располагање се СОС-дежурниот телефон на Министерството за надворешни работи: 075/ 273- 732, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив: +972-54-926-7378, додаваат од МНР.
Од МНР велат и дека министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, на својот колега, министерот Ели Коен, му изрази сочувство за жртвите и последиците, притоа силно осудувајќи ги континуираните напади врз Израел, кои започнаа со вчерашниот напад од страна на Хамас.
Османи го повторил ставот на Министерството за итно ослободување на сите цивили кои се држат во заложништво од страна на Хамас, како и итно прекинување на какви било насилни дејствија врз Израел.