Најмалку сто лица се повредени од нападите на милитантната група Хамас од Газа во јужниот и средниот дел на Израел. Од повредените, голем број се во критична состојба и лекарите се борат да им ги спасат животите
Израелскиот претседател Исак Херцог на социјалните мрежи напиша дека Израел се соочува со многу тешка ситуација, но и дека израелскиот народ ќе ги победи сите оние што ѝ посакуваат зло на државата. Тој порача и дека војниците од израелските одбранбени единици ќе направат сè за да го задржат мирот во земјата и да ги заштитат цивилите од нападите на Хамас.
Израелските одбранбени сили ја започнаа операцијата „Железни ножеви“ против Хамас, а според информациите кои пристигнуваат од тамошните медиуми, над сто лица се хоспитализирани во болниците низ земјата. Од нив, значителен број се со тешки повреди од прострелни рани или од шрапнели.
Израелскиот министер за одбрана Joav Галант рече дека Израел ќе ја добие оваа војна против Хамас и дека изненадувачкиот напад од рано утринава е сериозна грешка на терористичката група.
„Хамас направи огромна грешка кога тргна против израелската држава. Нашите војници се борат против непријателите на секоја локација. Ги повикувам сите израелски граѓани да ги почитуваат безбедносните протоколи, а Израел ќе победи“,
рече Галант.
Високиот воен командант на Хамас, Мохамед Деиф, го најави почетокот на нападот на медиумите кои се поврзани со оваа организација, при што ги повика сите Палестинци да земат оружје и да се борат, пренесува Ројтерс. Тој изјави и дека ова ќе биде денот на најголемата борба и последен ден од окупацијата на Палестина.
Како резултат на нападите загина една жена, а повредени се 16 лица, од кои две се во критична состојба. Во Тел Авив, според израелските медиуми, директно била погодена станбена зграда, а во градот биле запалени и десетици возила. Вооружените напаѓачи отвориле оган и во градот Сдерот на југот на Израел, каде што во моментот се водат улични битки помеѓу израелските војници и припадници на Хамас.