Инаку, во периодот кога Заев и Ципрас беа премиери на двете земји беше потпишан Договорот од Преспа, а оттогаш одржуваат пријателски односи
Поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас денеска е на гости во приватна посета на поранешниот македонски премиер Зоран Заев во Струмица.
Фотографија од средбата со порака за добредојде, Заев објави на својот фејсбук-профил.
„Добредојде во Струмица за другарот Алексис Ципрас кој денеска ми е на гости во приватна посета. Се потсетуваме на нашите заеднички напори и придонеси кон мирот и стабилноста на Балканот и разговараме за предизвиците пред кои регионот е денес исправен. Особена чест ми е што пријателството меѓу Северна Македонија и Грција и моето другарство со Алексис преминуваат во трајни и скапоцени вредности“,
напиша Заев.
Инаку, во периодот кога Заев и Ципрас беа премиери на двете земји беше потпишан Договорот од Преспа, а оттогаш одржуваат пријателски односи.
Според грчките медиуми, оваа нивна средба е потврда за нивното пријателство започнато со преговорите за менување на името Република Македонија и зајакнато со потпишувањето на Преспанскиот договор со кој државата го доби името Република Северна Македонија.
На конгресот на СИРИЗА одржан минатата година, додека Ципрас беше претседател на партијата, присуствуваше и Заев, кога и им се обрати на членовите на партијата.
