Албанските опозициски партии – Движењето Беса, Алтернатива и Демократско движење нема да гласаат за уставните измени ако од Уставот не биде тргната формулацијата „20 проценти од граѓаните што зборуваат албански јазик“ и доколку не биде прифатен амандманот за борба против корупцијата
Партиите на Албанците од опозицискиот блок Беса, Алтернатива, Демократско движење денеска преку свои пратеници ја потсетија власта дека од нив нема бланко глас за уставните измени.
Бараат уставен амандман со кој ќе се избрише одредницата која албанскиот јазик не го прави официјален на сите нивоа во државата, но и вградување на член во Кривичниот законик кој ќе определи дека не застарува криминалот сторен од позиција на државен функционер.
Тоа го направија на заедничка прес-конференција наменета за владината одлука за овозможување онлајн игри на среќа.
Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, на денешната прес-конференција во Собранието истакна дека нема да ги поддржи уставните измени доколку бришењето на формулацијата „20 проценти албански јазик“ не биде дел од нив.
„Секогаш и пред вас и пред собраниската говорница сум рекол дека ако 20 отсто не биде дел од уставните измени, нема да ги поддржам уставните измени кои се во собраниска процедура. Тука нема промена на став ниту од моја страна ниту од претседателот на партијата,“
рече Зендели.
И Мерита Колчи-Коџаџику, пратеничка на Демократското движење, потенцира дека остануваат на ставот дека нема да ги поддржат уставните измени.
„Како пратеничка група од Демократското движење од почеток тоа беше нашиот став. До овој момент остануваме на истиот став“,
рече таа.
Пратеничката на Алтернатива, Сафије Садику Шаини, истакна дека и оваа партија нема да ги поддржи уставните измени доколку не биде прифатен нивниот амандман за корупција.
„Како Алтернатива сме декларирале дека прво треба да го прифатат нашиот уставен амандман против корупцијата. Ако не се прифати тој амандман, нема да гласаме за уставните измени“,
рече таа.