Најавите за повлекување на трупите од граничната линија со Косово, кои во изјава за британски „Фајненшл тајмс“ вчера ги даде српскиот претседател Александар Вучиќ, Османи вели дека се за поздравување. Тоа, вели министерот и претседавач со ОБСЕ, е првиот чекор кон деескалацијата
Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во улога на претседавач со ОБСЕ изрази загриженост поради зголеменото распоредување српски војници вдолж границата со Косово, кое следува во момент на зголемени тензии кои кулминираа со нападот на косовската полиција во селото Бањска минатата недела.

„Загрижен за зголемувањето на српските воени трупи долж границата меѓу Косово и Србија. Денеска го контактирав српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ за да ја изразиме нашата загриженост“,
пишува Османи на Фејсбук.
Најавите за повлекување на трупите од граничната линија со Косово, кои во изјава за британски „Фајненшл тајмс“ вчера ги даде српскиот претседател Александар Вучиќ, Османи вели дека се за поздравување.
Тоа, вели претседавачот со ОБСЕ, е првиот чекор кон деескалацијата.
„Ја поздравувам и одлуката на НАТО за дополнителни трупи на КФОР. ОБСЕ присутен и подготвен да помогне во намалување на тензиите и поттикнување на дипломатскиот процес!“,
додава Османи.
Српскиот претседател вчера кажа дека нема намера да ѝ нареди на армијата да премине преку административните премини со Косово бидејќи, како што рече, ескалацијата на конфликтот би била контрапродуктивна кога е во прашање желбата на Србија за членство во Европската Унија.
За зголеменото распоредување на српските трупи реагираа и Европската Унија и САД, кои со доза загриженост побараа од официјален Белград повлекување на војниците.
